вторник, 26. октомври 2021. Вести денес: 130
home Вести

Третооделенци од ООУ„Лазо Трповски“ освоија награда во Берлин

Третооделенци од ООУ„Лазо Трповски“ освоија награда во Берлин

Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2021 кој традиционално се одржува во Берлин, Германија. Заедничкиот проект на петмината ученици од 3в одделение, Андреј Андоновски, Јана Блажева, Андреј Новевски, Георгина Стојанова и Максим Станоев, „Вселенски летала“ беше координиран од двајца наставници во својство на ментори Розета Сугарева и Стефан Симовски. Проектот на третоодделенците успешно ја помина прелиминарната фаза, влезе помеѓу најдобрите проекти на натпреварот и освои награда.

Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД, концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони Ербас) и концернот КРАЈСЛЕР. Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение ја донесе деветчлено стручно жири.

Во името на деветчленото стручно жири на наградените ученици од ООУ „Лазо Трповски“ им се обрати раководителот на натпреварот Ридигер Штајн.

-Ви благодарам за прекрасниот проект. Не тагувајте што не стоите највисоко на пиедесталот, но и вие сте меѓу наградените на натпреварот. Радувајте се, освоивте награда! Наградени сте затоа што вашиот проект е фантастичен, затоа што се забавувавте додека го работевте и затоа што сте одлични тимски играчи. Вашата награда е летачки трофеј и диплома за секого од вас. Се надевам дека учеството на натпреварот ви беше толку забавно како што му беше и на стручното жири кога го оценуваше вашиот проект, рече Штајн, соопштија од училиштето „Лазо Трповски“.

Локални избори 2021