среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 41
home Вести

Третманот на јазикот како културно наследство во Република Македонија – показател за високиот степен на демократичност

Третманот на јазикот како културно наследство во Република Македонија – показател за високиот степен на демократичност

Изразот нематеријално културно наследство (англ. intаngible cultural heritage) е меѓународен терминолошки стандард за односниот изведен генерички поим официјлизиран со истоимената конвенција на УНЕСКО (Конвенција за заштита на нематеријалното културно наследство донесена во Париз на 17 декември 2003 година).

Овој израз е предметен и во македонскиот правен систем во делот за заштита на културното наследство, меѓутоа, пред ратификацијата на предметната Конвенција, во Законот за заштита на културното наследство беше официјализиран изразот духовно културно наследство. Изразот духовно културно наследство, како изведен генерички поим, во македонското законо­давство не е дефиниран посебно. Неговото правно значење е определено на индиректен начин, т.е. преку посебните дефиниции на видовите што го сочинуваат тоа наследство (член 24 – фолклорни добра, член 25 – јазик и член 26 – топоними).

Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство во светски рамки стапува во сила на 20 април 2006 година, а од страна на Република Македонија е ратификувана со закон донесен истата година.

Во изминативе десетина години донесени за неколку клучни акти за спроведување на заштитата на јазикот како духовно културно наследство. Така, донесен е Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство во кои се стандардизирани правилата за изработка на елаборатите за валоризација на културното наследство, меѓу кои, и за духовното културно наследство. Понатаму, донесена е Националната класифи­кација на културното наследство, т.е. подзаконски акт којшто претставува стандардизирана форма на типолошко одредување/идентифику­вање и систе­матизирање на разновидното културно наследство во Република Македонија, каде што духовното културно наследство ја зазема Класата 3.

Но заштитата на овој вид културно наследство изминативе години не останува само на декларативно носење легислатива. Во исто време, во Законот за заштита на културното наследство дадена е можност за заштита на јазикот како духовно културно наследство на македонскиот народ, како и заштита на овој вид културно наследство на граѓаните кои се дел од албанскиот народ, од турскиот народ, од влашкиот народ, од ромскиот народ и од бошњачкиот народ, што афтохтоно се развило на територијата од Република Македонија, а тоа, пак, претставува највисоко демократско право за еден народ, односно ваквиот приод кон културното наследство покажува висок степен на демократичност.

Тоа практично се одрази во Националната класификација на културното наследство, каде што е вградена можноста за спроведување на постапката за заштита на духовното културно наследство на деловите од народите спомнати во Преамбулата на Уставот на Република Македонија.

Така, во делот за јазик Владата на Република Македонија досега има донесено 38 одлуки за прогласување на културно наследство од особено значење – поткатегорија исклучително значење. Практично, тоа значи дека потребите за истражување и популаризација на дијалектите и топонимите влегуваат во системот на заштита на културното наследство на Министерството за култура, поточно, во Годишната програма за остварување национален интерес во културата.

Важно е да се напомене дека Управата за заштита на културното наследство, како орган во состав на Министерството за култура, спроведувајќи го Законот за заштита на културното наследство покажа внимение и кон собраниот теренски материјал од голем број научници во изминативе децении од оваа област. Тоа значи дека осум картотеки во Институтот за македонски јазик се регистрирани како значајно културно наследство, т.е. културно наследство ex lege.

Ваквиот третман на овој вид културно наследство покажува системски и квалитативен приод на државата и кон легислативата и кон практичната примена.

Имајќи предвид дека духовното културно наследство не е ограничено со државни граници, односно определени македонски дијалекти излегуваат надвор од границите на Република Македонија, а Законот за заштита на културното наследство е ограничен на државните граници, притоа, имајќи го фактот дека соседните држави, кои, исто така, ја имаат ратификувано Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство (Бугарија 2006, Албанија 2006, Грција 2007 и Србија 2010), очекуваме позитивен приод кон видот културно наследство кое ги нуди препознатливите показатели за еден народ и доследно и практично спроведување на Конвенцијата од УНЕСКО, продолжуувајќи го патот на демократичноста што го применува нашата држава.

 

м-р Александар Јорданоски

 

Коронавирус