понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 19
home Вести

Тонино Пицула ќе биде лидер на Работната група за Западен Балкан во ЕП

Тонино Пицула ќе биде лидер на Работната група за Западен Балкан во ЕП

Хрватскиот европратеник Тонино Пицула е именуван за претседател на Работната група за Западен Балкан во Одборот за надворешна политика (AФET) на Европскиот парламент.

Кон крајот на минатата година Пицула беше именуван и за прв известувач за препораките на ЕП за Западен Балкан.

Работната група за Западен Балкан е формирана во Надворешно-политичкиот одбор на ЕП во 2005 година со цел да ги одразува политичките приоритети на ЕУ и да обезбеди покохерентен пристап на ЕП во регионот.

– И во овој, деветти мандат на ЕП, демократизацијата и трансформацијата на шесте земји од регионот ќе бидат во фокусот на агендата на Одборот за надворешна политика на ЕП, а со посебен нагласок врз продолжувањето на политиката на проширување, изјавија од кабинетот на Пицула.

Од ЕП наведуваат дека оваа Работна група е одговорна за кординацијата, воспоставување иницијативи и известување за Западен Балкан, поврзување со Советот на Европа, со официјални претставници на институциите на ЕУ, соработка со претставници и официјални лица од земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство од регионот, како и со претставници на ОН, Светската банка и други меѓународни актери.

– Претседателството со ЕУ е шанса Хрватска да ги потврди своите надворешно-политички приоритети, меѓу кои е проширувањето и стабилизацијата на нашиот соседен регион Западен Балкан – изјави Пицула.

Тој заклучи дека европската перспектива на Западен Балкан, односно политиката на проширување на ЕУ, е силна алатка за стабилизација на регионот и кажа дека очекува пристапните преговори со Македонија и Албанија ќе бидат отворени на самитот ЕУ-Западен Балкан, што требва да се одржи на почетокот на мај во Загреб.

Коронавирус