понеделник, 10. август 2020. Вести денес: 84
home Вести

Тешка сообраќајка вечерва во близина на штипското село Лакавица, повредени 13 лица

Тешка сообраќајка вечерва во близина на штипското село Лакавица, повредени 13 лица
Фото илустрација

Тринаесет лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа која се случи вечерва во близина на штипското село Лакавица во која учествувале две возила, од кои во едното се превезувале мигранти.

Портпаролот на СВР Штип Гордана Панајотова потврдува дека во несреќата учествувале две возила, меѓутоа повеќе детали како се случила не може да даде, бидејќи во тек е увидот од страна на истражните органи.

Директорот на Клиничка болница Штип Ален Георгиев за МИА вели дека во болницата се хоспитализирани 13 лица, од кои 11 се мигранти и двајца се македонски државјани.

Според она што му е презентирано од страна на дежурните лекари, прв впечаток е дека ниту еден од повредените не е во животозагрозувачка состојба, но во тек се прегледите и снимањето со цел да им се утврдат повредите.

Првично станува збор за мигранти од Пакистан, а мигрантите кои се во моментов во болницата во Штип ќе бидат примени на две одделенија, на ортопедија и на хирургија. Георгиев вели дека во текот на ноќта мигрантите ќе бидат и тестирани за КОВИД-19.

Повеќе детали околу несреќата се очекува вечерва или во текот на утрешниот ден.

Коронавирус