понеделник, 21. октомври 2019. Вести денес: 17
home Вести

Тендерот за нов Клинички денес за Заев е законски, а кога беше опозиционер истиот ќе го поништуваше

Тендерот за нов Клинички денес за Заев е законски, а кога беше опозиционер истиот ќе го поништуваше

Социјалдемократите пред да дојдат на власт постојано повторуваа дека тендерот за новиот Клинички центар е скандалозен, незаконски, дека постои само на хартија.

Но, денеска одговарајќи на пратенички прашања премерот Зоран Заев рече „тендерот за избор на италијанската градежна фирма која ќе го гради новиот Клинички центар е законски“.

Како што рече Заев одговарајќи на пратеничкото прашање на пратеникот Павле Богоевски, се работи за „законска постапка за избор на изведувач, надгледувана од Банката на Советот на Европа, која е кредитор на оваа инвестиција“.

-На тендерот нема дилема за постапката за избор на изведувачот. Она што е проблематично е слабата организација на сообраќајот на оваа локација. Владата, ги разгледува опциите дали локацијата да се промени или Клиничкиот центар да се гради на веќе предвидената локација, во рамки на комплексот клиники. Доколку Владата реши да ја промени локацијата тоа неколкукратно би ја поскапило инвестицијата. Исправно е да се гради таму Клиничкиот центар, а проблемот со сообраќајот би се решил со изградба на две катни гаражи, рече Заев.

Заев објасни дека одлуката да се гради на веќе предвидената локација ќе ја чини Македонија 85 милиони евра, плус камата. Доколку одлуката падне за нова локација ќе треба да се бара нов изведувач и да се платат пенали за откажување на проектот во износ од 5,5 милиони евра оштета.

Непосредно пред да седнат во фотељите во Владата во април минатата година посочија дека скандалозниот за нив тендер, ќе се преиспита.

-Нов Клинички центар во Скопје ќе изгради новата реформска влада, порачаа преку соопштение од СДСМ, информирајќи дека тоа е предвидено во нивната програма и дека граѓаните на Македонија ќе добијат модерен и функционален универзитетски Клинички центар.

Од СДСМ обвинија дека доколку сакале од ВМРО-ДПМНЕ да биде изграден новиот Клинички центар, тоа ќе го реализирале со даденото ветување од 2012 година.

Според нив вистинската причина зошто нема нов Клинички центар досега, се неодговорните политики на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров, за кој најавуваат преиспитување на неговото работењето, вклучувајки го и, како што велат, скандалозниот, сомнителен тендер за Клиничкиот центар што го реализира власта во заминување со технички овластувања.

Во 2016 година велеа дека новиот клинички центар постои само во 3Д анимациите.

-2016 година истекува, а од Клиничкиот центар во Скопје се уште постојат само лагите во 3-д анимации на Никола Груевски, соопштија од СДСМ.