четврток, 21. јануари 2021. Вести денес: 153
home Вести

Татко тепа дете на автобуска станица, Центарот за социјални работи ги згрижи децата

Татко тепа дете на автобуска станица, Центарот за социјални работи ги згрижи децата

Откако вчеравечер на социјалната мрежа Фејсбук беше споделено видео на кое се гледа како маж тепа мало дете, од денеска привремено на родителите им е одземено родителското право, информираат од Министерството за труд и социјална политика. Центарот за социјални работи во Свети Николе ги згрижи двете деца.

Како што може да се забележи на видеото, таткот удира шлаканица на детето, додека мајката воопшто не реагира. Настанот се случил на автобуската станица во Штип. Идентитетот на родителите е познат на редакцијата на ТВ21, меѓутоа заради заштита на децата, јавно нема да го откриеме.

Од Министерството за труд и социјала велат дека за родителите ќе биде поведена постапка за одземање на родителското право заради груба злоупотреба и занемарување на родителското право. Исто така за таткото, поточно речено очувот ќе има предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство.

„Во врска со случајот со видеото кое што се ширеше на социјалните мрежи ве информираме дека Центарот за социјални работи во Свети Николе веднаш постапи по случајот. Врз основа на сознанија за груба злоупотреба и занемарување на децата од страна на родителите, а во најдобар интерес на децата, ЦСР Свети Николе донесе решение со кое привремено ги одзеде двете деца од семејството. Согласно законската процедура назначен им е старател службено лице и тие се соодветно згрижени“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Семејството има 2 деца, а мажот е очув на детето кое го тепа, а татко на другото дете. На центарот за социлани работи во Свети Николе семејството е познато подолг период. Се уште не се знае дали и кога децата би биле вратени на радителите.

Коронавирус