понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 111
home Вести

Сведоштво: За тест за корона позајмив пари, за решение чекав повеќе од две недели, за малку ќе добиев отказ

Сведоштво: За тест за корона позајмив пари, за решение чекав повеќе од две недели, за малку ќе добиев отказ

Претходно слушав само на телевизија за заразените од КОВИД-19 и за тоа како надлежните убедуваат дека е се во ред. Но, кога дојде ред јас да поминувам низ тој процес на своја кожа осетив каква е голготата на скоро секој пациент, раскажува револтирано граѓанин кој поради корона дома останал 23 дена.

-Симптомите започнаа во сабота. Матичниот лекар ми закажа снимка на бели дробови и анализа на крвта и ми кажа дека термин за тестирање нема, па ако сакаме да се тестираме ќе мора да се снаоѓаме сами, или ќе треба да чекам осум дена. Во меѓувреме и покрај тоа што ги имав сите симптоми кои укажуваа на тоа дека сум заразен, се беше оставено на мене и никој не ми кажа дали смеам или не смеам да излегувам од дома, освен матичниот кој рече седи ако можеш дома. Одлучив да се изолирам и тогаш сфатив дека на никој не му е гајле и не води грижа за тоа дали јас можам да излегувам и да заразам и други луѓе, раскажува револтирано соговорникот.

Тој објаснува дека внимавал, носел маска со висока заштита, но оти морал да оди и сам да ги прави сите испитувања.

-Направив рентген ми велат дојдете утре нема кој да напише наод. Отидов за крвна слика ми рекоа по 13 часот. Единствено кога заминав приватно да направам тест за корона ми рекоа резултатот ќе ви го испратиме на маил, вели соговорникот кој додава дека за да го направи тестот за корона позајмил.

Откако добив резултати од тестот и излезе дека сум позитивен, јавив на матичниот и ми кажа да стапам во контакт со епидемиолошката служба.

-Не можев на тој телефонски број да добијам никого, а ѕвонев 4 дена. Петтиот познаници ми дадоа некој мобилен од кој добиле решение. На тој ги добив и ми рекоа седи дома, не е итно. Ги немаше една недела, уште седум дена голгота седам дома, а на работа немам документ да им дадам, документ дека сум позитивен и оти треба да седам дома. Замислете поминаа 15 дена откако добив симптоми, отидов на испитувања, се тресев од температура неколку дена, губев свест. И дури 16 ден во исто време на вибер го добив документот и дека сум позитивен дека треба да седам дома и решение дека прекинува тој период или како што велат сите дека сум слободен. За малку ќе се соочев и со отказ. Срамота, консатира соговорникот.

Замислете, продолжува тој, да требаше да бидам хоспитализиран и да тргнев по тие лавиринти.

-Едно е јасно, не дај боже некој да се зарази ниту има термини за испитување, ниту епидемиолози има да ги констактираш, најфатално изгледа е да завршиш во болница, заклучи соговорникот.

Коронавирус