вторник, 24. ноември 2020. Вести денес: 127
home Вести

Потресно сведоштво за лекување од ковид во прилепската болница (аудио)

Потресно сведоштво за лекување од ковид во прилепската болница (аудио)

Науката нема одговор како да се справи со најголемиот непријател на човештвото, болеста која што го покори светот и во исто време го прекри со неизвесна иднина – Ковид 19. Сведоштвата од тие што го поминале патот до оздравувањето само го потврдуваат фактот дека секој случај е различен: во лекувањето, во пристапот на здравствениот систем, во начинот како поединечно, човекот го поминал патот со болеста, од веста дека тестот е позитивен до целосното закрепнување.

Која е вистинска приказна Моника Талеска, новинар и дир. на Градската библиотека Борка Талески Прилеп? Ја пренесуваме во целост, нејзиното искуство, за која што таа вели дека „приказната е тензична, пред се заради тоа што трае долго, особено што еден период е неизвесна, носи страв колку човек и да е храбар, пред болеста нема храброст, особено заради тоа што сме сите луѓе со одговорности.

„Постои една поговорка: „на душманот да не му се случи“. Јас немам душмани и не чувствувам ниедна душа за непријателска, но поговорката мислам дека најдува овде најголема примена. Ниту една човечка душа да не ги помине траумите кои што ги носи и во одделни случаи ги предизвикува корона вирусот. Мислам дека науката и медицината сеуште немаат одговор која причината, на што се должи и зошто кај едни луѓе поминува лесно, а кај други луѓе дури и оние кои немаат хронични болести поминуваат тешко“. Следи аудио:

Како дојде до инфекцијата?

– Уште при појавата на првиот симптом, со оглед на тоа што моја колешка заболе и беше потврдено со тест дека веќе има развиен Ковид 19, веќе со појавата на првите симптоми, навидум безначајни болки во колената, во зглобовите, пристапив многу сериозно и знаев дека вирусот го напаѓа моето тело. При појавата на првите болки на пладне, па во следните 3 часа, целосна малаксалост почувствував, се упатив до матичниот лекар. Интересна беше реакцијата од замената на матичниот лекар која рече: „Што си се исплашила ништо не ти е?!“ Со оглед на тоа што првите резултати на крвта ДРБТ не покажуваше посебни промени ниту на крвната слика. Меѓутоа секој човек си го познава својот организам и знае кога е болен, а кога не е. Воопшто не се сомневав кога ги зедов резултатите, не се сомневав дека ќе бидат позитивни. Почна вечерта со високи температури, 5 до 6 часа со високи температури 39,5 и траеше 2 дена максимално интензивно. Тоа е период во кој што луѓето кои што го поминале знаат: ЕДНОСТАВНО КАКО ДА НЕ СИ ПРИСУТЕН ВО СВЕТОТ! Како да си исклучен од реалноста, високата температура не се симнува без оглед што земате, антипиретици, алкохол за масажа, нагон за повраќање. Немате енергија да станете, да се поместите, тоа е период кога се денови и часови поминати како во кошмар.

Какво е искуството за укажаната медицинска грижа во Инфективно?

– Благодарение на ќерка ми, отидовме во Инфективното одделение, каде што примив систем. Морам да кажам дека 4 дена бев во дневна болница, наутро и навечер примав системи, меѓутоа, се чекаше 4 часа за еден систем. Кога имате трески, високи температури, кога се наоѓате во исклучително тешка состојба, разочарувачки е таму каде што очекувате спас и решение за вашите маки, да чекате надвор, буквално надвор, на влезот од Инфективно одделение, каде што има пластични столици и циради поставени, каде е ладно, се смрзнувате двојно од студ и ги делите маките со другите граѓани околу вас, имате страшни трески и ЧЕКАТЕ 4 ЧАСА ДА ПРИМИТЕ СИСТЕМ.

Системот го примате, сестрите трчаат лево – десно, се обидуваат да воспостават ред во таа навала на луѓе. Често пати треба да помине половина час да ви ја извадат иглата, да го боцнат пациентот во стомак, доколку има промена во крвта, ако димерите се покачени. Генерално сликата е тешка. Мојата, искрено јас ја доживеав како многу морничава. Четири дена бев во дневна болница, температурите не паѓаа и преминав на болничко лекување. Болничко лекување –„ штеди го кислородот, затоа што вечерва нема! “

– Разочарувачки ми беше моментот кога појдов на болничко лекување во истата вечер кога ќерка ми Климентина крена температура . Се почувствував навистина многу немоќно. Како родител е навистина претешко чувството кога го пренесувате несвесно вирусот и кога вашето дете добива температура вие не сте моќен ништо да направите. Меѓутоа, младите очигледно имаат многу подобар имунитет и многу полесно го поминуваат вирусот. И фала му на универзумот, на природата, на бога, се што е надвор од нашата моќ, што таа помина многу полесно, многу подобро, без последици. Иако, сликата што ја гледав на болница не беше таква. Нејзини врсници, едно младо момче, кое беше присутно додека примав системи со екстремни високи температури. И тогаш реагирате како родител, за секој пациент ви е жал, дури има моменти кога искрено не мислите на себе, туку на помладите, на децата кои што идат и чекаат ред, граѓаните кои ги доживуваат траумите кои вие сте ги поминале.

Болничкото лекување е една поинаква приказна, искрено, уште потешка од дневната болница. Добро е тоа што сте хоспитализирани, па го чекате редот да дојде, за да ви стават систем. Инаку, морам да кажам дека на Инфективното одделение му треба една целосна реогранизација . Му треба огромна хигиена, почнувајќи од варосување на просториите, чистење на креветите, подовите, на ролетните… Во сите тие денови, јас не видов, да помина болничарка и да ги исчисти подовите. Ниту во дневната болница, ниту горе во одделението. Еднаш не забележав да помине некој болничар и да помине со некое средство за дезинфекција во Инфективното одделение каде што сите се борат за живот и каде што од март ние зборувавме постојано за високи мерки за хигиена. Во одделението не се спроведуваат такви мерки. Жал ми е што морам да го кажам ова, но така е. Има недостиг на персонал, недостиг од доктори, 4 доктори се обидуваат да ја контролираат целата ситуација, со оваа пеколна состојба. Луѓето не се за обвинување, 100 пациенти да прегледате во една смена, ми се чини дека е надвор од моќта на секој доктор. Колку и да сака да биде добар и одговорен, толку е максимумот, зашто и тој – докторот е човечка душа.

Во собата прво каде што бев сместена, хоспитализирана, имаше жена која се бореше двојно повеќе од мене за здив, таа беше на кислородна поддршка. На жената присуството на кислород, сатурација, и беше околу 50. Се случуваше да нема боци со кислород, да дојде болничарот да и’ каже: „штеди го кислородот затоа што вечерва нема“. Јас искрено се чувствувам гневно говорејќи за оваа состојба, не за себе само, за луѓето кои доаѓаа да се лечат.

Во 21 век и да дојде некој да ви каже дека можеби за вас вечерва нема боца со кислород?!

Конкретно таа жена незнам каде живее, се вика Вера, требаше да чека 3 часа, да се смилува некој да и’ донесе боца и да ја приклучи боцата за да има здив, воздух. Значи, секој треба да си ја носи одговорноста во време на пандемија. Не е воопшто важно дали граѓаните веруваат или не, луѓето немаат едукација. Секој има своја идеологија, ова е време екстремно политизирано, луѓето мислам дека се со целосно извртени ставови, дури и не се за обвинување. Но, медицинско лице да не верува дека станува збор за сериозни проблеми и плус медицинското лице да има одговорност во целата состојба, дали тоа не е за критика?! Такви лица не треба да постојат на одредени позиции! Значи не смее човек поставен на одредено место и да смета дека Ковид пандемијата – не е пандемија, и дека е обичен грип! Тој приватно може што сака да мисли, меѓутоа станува збор за човечки животи.

Многу беше невкусна сликата, имате температура примате системи како турист да сте, „во најубавиот дел на Рим“, па ви велат „сега пакувајте ги стварите, ќе ве носиме сега од Инфективно, на Интерно“, ама не ве носат, вие сами одите. На инвалидска количка си ги спакувавме ние сите стварите и ги туркаме количките, а нели секој од нас има воспаление на белите дробови, кој повеќе, кој помалку, јас среќа не бев во тие кои што имаа премногу. Имаше стравотно потешки состојби од мене, и ја носите количката и на Интерно се качувате горе. Па ве ставаат во соба со мажи. Нема дилема, и тие треба да имаат нега, и ти се луѓе, но кажете ми вие како човек, дали може во таква состојба да ги соблечите, да ја тргнете маицата, блузата, а пред вас да има жена?! Нели е тоа, во вакви состојби на трески во кои што сме се наоѓале, дополнително оптеретување за секој човек?!

Целиот текст прочитајте го на: radiopela.mk

Коронавирус