сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 77
home Вести

Сведоштво: Ако ја знаете голготата на болните од корона ќе знаете зошто има толку многу починати

Сведоштво: Ако ја знаете голготата на болните од корона ќе знаете зошто има толку многу починати
илустрација

Ако воопшто сте се запрашале зошто имаме толку голем број на заболени, како и огромна смртност, доволно е само да прашате некој од пациентите кои се лечат во домашни услови низ каква се голгота поминуваат.

Од сведоштво на пациент од Куманово околу начинот на третирање дознаваме шокантни информации околу несериозноста и комплетната неорганизираност на здравствените власти.

-Кај пациентот после 9 дена домашно лекување, само со комбинација на витамини и парацетамол по препорака на матичен лекар, доаѓа до нагло влошување на состојбата, иако во тие 9 дена уредно се консултиташе со матичен лекар и пријавуваше дека температурата воопшто не се симнува, истиот матичен лекар после 9 дена препорачува пациентот да се јави во болница на инфективното одделение во Куманово. И тука почнува голготата која трае цели 12 часа, раскажува лице од семејството на болниот од корона.

Фамилијата која е негативна на вирусот и тукушто излезена од изолација заради контакт со заболениот успева некако да повика возило на Брза помош за пренос на пациентот до инфективното одделение, но откако доаѓаат, веднаш го известуваат членот на фамилијата да појде заедно со нив со сопствено возило, за да после прегледот го врати пациентот дома, бидејќи тие не возеле втора смена. Значи , членот на фамилијата сакал несакал ќе мора повторно да стапи во контакт со заболениот.

-Доаѓаме некако до инфективното одделение во Кумановската болница, пациентот е видно истоштен и со температура, за преглед заедно со огромен број други заболени го чекаме докторот цели 3 часа за преглед, бидејќи истиот бил на состанок. Откако инфектологот се појави по прегледот препорачува да се направи крвна слика и рентгенска снимка. Бидејќи лабораторијата и рентгенот се во различни објекти, а нема болничар кој би го спровел пациентот до двете места, морав јас да го носам пациентот низ лавиринтите во болницата. И повторно шок, рентгенот не работи, не препраќат во ургентниот центар каде работи. Па самото чекање за снимка и крвна слика ви одзема 3 часа, раскажува нашиот соговорник.

Повторно се враќаме со резултатите за преглед кај инфектологот после поминати 6 часа, и секако повторно шок, докторот заборавил да напише да се испита параметарот ЦРП во крвната слика, важен параметер кај сите инфекции вклучително и корона.

-Ме праќаат повторно со пациентот во лабораторија за нова крвна слика, при што поминуваат уште 2 часа додека да се добие новиот резултат. И конечно со пациентот доаѓам на ред за преглед со сите резултати, докторот препорачува примање на инфузија со антибиотици во дневната болница и истата терапија да ја прима во домашни услови во наредните 5 дена. Некако денот со тешки маки завршува, пациентот повеќе измалтретиран отколку стабилизиран, а јас во уште еднаш ризик да заболам поради интензивиниот контакт во текот на денот, раскажува лице од семејството на болниот.

Следното утро, вели соговорникот, уредно го пријавувам пациентот за домашна нега во рамките на Здравствениот дом Куманово, и таму не еден туку два шока истовремено.

-Прво сите лекови, системи за инфузија ми велат да ги купам оти они немаат, а во тековнит ден нема да можат да дојдат да го третираат пациентот, бидејќи требало да се пријави за домашна нега до 9 часот, значи без око да им трепне пациентот ќе мора да прескокне еден ден од потребниот третман поради тоа што не било пријавено до 9 часот, зачудено раскажува соговорникот.

На пациентот и на фамилијата само им останува надежта дека следните денови ќе ја имаат таа привилегија да добијат домашна нега, а во меѓувреме да се молат на Господ да не дојде до поголеми компликации на заболениот пациент, а останатите членови на фамилијата да не заболат од корона поради интензивниот контакт со заболениот.

Коронавирус