понеделник, 17. мај 2021. Вести денес: 154
home Вести

Суми и до 60 илјади денари: Објавени имињата на владините хонорарци

Суми и до 60 илјади денари: Објавени имињата на владините хонорарци

Владата на својата интернет-страница објави листа со детали за сите лица кои се хонорарно ангажирани, заедно со образложение кои се причините за ваквите ангажмани.

„Ја објавуваме листата на лица кои се тековно ангажирани преку авторски договори за специфични задачи кои не може да се обезбедат од редот на вработените, откако претходно беа извршени консултации со Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, за модалитетот за заштита на личните податоци на соработниците опфатени со овие ангажмани“, се наведува во владиното соопштение.

Во него категорично се отфрлаат, како што се вели, сите дезинформации дека наводно исти лица кои иако регуларно вработени во Владата, во исто време добивале и хонорар.

„Тоа не е точно бидејќи е недозволиво вработени во Владата да бидат и хонорарно ангажирани од Владата. Внимателноста со која Владата постапи во овој случај, со вклучување на дополнителни консултации пред објавувањето на листата хонорарни соработници, беше мотивирана исклучително заради заштитата на интегритетот и приватноста на ангажираните лица“, се додава во соопштението со кое исто така се негира дека станува збор за луѓе кои биле платени да споделуваат постови на „Фејсбук“ или „Твитер.“

Од Владата исто така порачуваат дека институциите ќе ги искористат сите механизми кои се на располагање да ги заштитат професионално ангажираните лица од јавен линч, нарушување приватност, говор на омраза или повици за насилство.

Коронавирус