сабота, 15. мај 2021. Вести денес: 90
home Вести

Судот го одби барањето на одбраната за целосно читање на содржината на доказите во случајот „Тенк“

Судот го одби барањето на одбраната за целосно читање на содржината на доказите во случајот „Тенк“

Судот го одби барањето на одбраната во случајот „Тенк“ за целосно читање на содржината на писмените докази како неосновано и рочиштето продолжи со изведување на доказите од одбраната на поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, кои се обвинети за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.

Рочиштето продолжува со сослушување на сведокот Миомир Антиќ, кој е предложен од одбраната.

Претходно СЈО ги прочита само насловите на писмените докази, на што одбраната реагираше дека нема да ги прифати само насловите и побара содржината на доказите целосно да биде прочитана.

Претседателот на судечкиот совет Добрила Кацарска, даде едночасовна пауза, но укажа дека одбраната ги има сите писмени докази и читањето само ќе го одолговлекува траењето на судскиот процес.

– За судење во разумен рок важно е и однесувањето на обвинетите, одбраната треба да цени дека им се суди на поранешен премиер, поранешна министерка за внатрешни работи, како и на Поповски кој е исто така носител на висока функција. Треба да е јасно дека судењето во разумен рок е важно и заради нивниот углед, рече Кацарска.

По едночасовната пауза Кацарска ја прочита одлуката на судот со која се одбива како неосновано барањето на одбраната и посочи дека со тоа е завршено изведувањето на доказите од обвинителството и се пристапува кон изведување на доказите од одбраната.

Груевски пред да влезе во Судот, по паузата, во изјава посочи дека не постои случај во светот поранешен премиер да одговара зашто остварил корист и одреден број пати користел возило.

– Обвинението е дека сум сакал да имам корист и да се возам во возилото наместо во возило старо 20 години. Сите искази беа во наша корист, тоа беа сведоци на СЈО. Прво, МВР можело без тендер да го набави возилото ако сакало. Второ имало законски рок за тендерот, рече Груевски.

Посочи дека Судот одбил да го одложи денешното судење, поради кое тој всушност денеска не може да присуства на собраниската седница за доверба на Владата.

Судот вчера ги отфрли барањата на одбраната „бомбите“ да не се пуштаат во судница и за изземање на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и судечкиот совет. Во попладневниот дел од рочиштето беа слушани аудио снимките.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи  Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

МИА

Коронавирус