петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 114
home Вести

Судењето за насилствата пред Општина Центар вратено на почеток

Судењето за насилствата пред Општина Центар вратено на почеток

Судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година денеска почна одново поради истек на 90 дена од одржување на последното рочиште.

Случајот го води судијата Душко Јосифовски, а застапник на обвинението е Фатиме Фетаи.

Обвинителката Фетаи, на почетокот на денешното рочиште, со оглед на тоа, како што рече, дека постапката трае веќе повеќе од три години, побара на обвинетиот Никола Груевски кој подолго време е во бегство да му се суди во отсуство.

Адвокатот Димитар Дангов побара, со оглед дека од последното одржано рочиште поминале повеќе од 90 дена, а и дека треба повторно да бидат изведени докази и сведоци, Судот повторно да процени кои докази се процесно важни и неважни со цел постапката што побрзо да заврши.

Бранителот Дончо Наков, рече дека се приклучува на предлогот и посочи дека со тоа што постапката почнува одново, а има измени во овластениот тужител, кој сега нема право да ги користи снимените разговори како докази, имајќи предвид дека тоа ексклузивно право го имаше единствено Специјалното јавно обвинителство, Судот треба да им дозволи да ги образложат дадените приговори по досега изведените докази.

Судот го прифати предлогот на обвинителот да му се суди во отсуство на Никола Груевски и ги одби предлозите на одбраната за одложување на расправата, за закажување посебно рочиште за образложување на приговорите по изведените докази и за новонастанатата ситуација со оглед на промената на овластениот тужител.

Обвинителката Фетаи кажа дека нема промена на обвинителниот акт и предложи изведените докази и веќе сослушаните сведоци, само да се прочитаат.

Одбраната се спротивстави на таквиот предлог и побара, со оглед на изменетата ситуација Судот да им овозможи да ги испитат сведоците.

Судот одлучи да се читаат исказите на сослушаните сведоци.

Во „Насилство во Општина Центар” обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранечната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.