сабота, 24. јули 2021. Вести денес: 93
home Вести

Студентите револтирани: Додека Царовска си мисли дека го реформира образованието, мизеријата во студентските домови продолжува (ФОТО)

Студентите револтирани: Додека Царовска си мисли дека го реформира образованието, мизеријата во студентските домови продолжува (ФОТО)

Неколку месеци претходно, објавивме статија за тоа со какви мизерни услови се соочуваат студентите кои што престојуваат во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“. Бројни поплаки пристугнуваа до нашата редакција од страна на студенти кои што сакаа да останат анонимни и сакаа преку медиумите да допрат до надлежните и тие конечно да ги слушнат нивните барања, но очигледно залудно.

Неколку месеци подоцна проблемите на студентите се уште остануваат нерешени. Топлата вода, храната, лифтовите се секојдневен проблем на студентите.

Повторно студенти за Курир раскажуваат низ какви ситуации се приморени да поминуваат секојдневно во време на испитни сесии, кога како што велат тие се подложни на стресови, а условите во студентскиот дом дополнително им го отежнуваат секојдневието. Тие нагласија дека е нереално во 21 век еден ваков студентски дом да поседува вакви услови.

– Во Кузман, како ќе ти се погоди денот така, некогаш јадењето е убаво има и топла вода, па можеби и греење ќе начекаш, но ужасно неодговорно е да не се обезбедат основни услови за живот на студентите. На пример сега еве веќе 10 дена лифтот не работи, комшиите од 7ми кат мака мачат, топла вода има само на некои спратови во машкиот дел, во женскиот дел е камен ладна водата. Сега тие што седат на повисоките спратови во женски дел треба да се симнат долу, па да се качат на некој спрат во машки дел каде што има бојлери за да се искапат. Навистина е неодговорно, особено за време на испитна сесија, кога на студентите буквално секоја минутка, секој час им е битен, надлежните да си играат со нив како со мали деца. Па минимум три пати треба да се симнеме за да јадеме во менза, секој ден пресметуваме како да го испланираме денот за што помалку пати да слегуваме и да се качуваме по скали затоа што лифтот не работи, вели во изјава за КУРИР еден студент од студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“.

За тоа во какви лоши услови им се наоѓа тоалетот, студентите ни испратија фотографии и  видео како доказ.

– Најмногу што ме нервира е тоа што кога нема топла вода за капење, нема никакво известување за тоа. Ако ни кажат дека во наредните денови нема да има вода за капење, барем сите ќе си побараме решение, ќе имаме повеќе разбирање како што бараат надлежните. За тоалетите не сакам ни да коментирам, влага, мувла, пожолтени плочки, пајажина и прашина, неисчистено со години, каде има тушеви, каде нема…. и така. Ајде сега е топло времето, но во текот на зимата или воопшто немаше греење или нешто ептен слабо што не е доволно да се загрее огромна зграда, ама и тоа го преживеавме. Кратко кажано, има периоди во Кузман кога не живееме, туку преживуваме, раскажа студент за КУРИР.

До нашата редакција пристигна и фотографија од чешми во тоалетот во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ на која се гледа дека на место каде што треба да има еден туш има два.

Се поставува прашањето зошто во бања каде што логично би требало да има еден туш, има два? Зошто се прават непотребни трошоци а за други поважни работи не се даваат пари или пак тука станува збор за профитерство?

До Курир беше испратено и видео од ново поставените чешми, кои иако се нови не работат како што треба.

Студентите очајни велат дека и новиот инвертар што се поставува или менува е неквалитетен. Појаснуваат дека  овие чешми година дена наназад ги барале, за да по толку време добија вакви нефункционални.

Во врска со храната, студентите велат дека менито е непроменето, им се дава иста храна со денови, препржена, препечена или пак недозготвена.

Потсетуваме, директорот на студентските домови во Скопје, Виктор Велевски пред само неколку месеци за Фактор.мк на поплаките на студентите за храната која ја добиваат изјави:

„Реално што сакаат да добиваат за таа цена? И онака за 80 oтсто од студентитe оваа сметка ја плаќа МОН.“

М.А

 

 

Коронавирус