вторник, 29. септември 2020. Вести денес: 14
home Вести

Студенчишко блато наскоро ќе ја добие заштитата како интегрален дел од Охридското Езеро

Студенчишко блато наскоро ќе ја добие заштитата како интегрален дел од Охридското Езеро

Охридското Езеро и Студенчишкото блато претставуваат природно богатство со огромен потенцијал. Прекрасната околина е скапоцен камен што мора соодветно да се вреднува, да се искористи во насока на привлекување уште поголем број туристи, но активностите насочени во остварување на таа цел не смеат да го нарушат еко-системот, како на Охридското Езеро така и на блатото како негов интегрален дел.

Тоа е пораката што ја упатија експертите по блатни системи од целиот свет кои учествуваат на Меѓународната конференција што во организација на Европскиот огранок на Друштвото на научници од областа на блатните екосистеми (SWS), Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. и Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ се одржува во Охрид.

Јос Верховен од SWS истакна дека еколошките активисти во координација со локалната и централната власт мора да изнајдат решенија за справување со предизвиците што современото управување со земјиштетото и урбанизацијата ги наметнува врз тие суштински важни делови на животната средина.

– Од 1974 година кога го посетив Охрид досега можат да се забележат големи промени кога станува збор за Студенчишкото блато. Видов дека тоа е намалено во голема мера, но се уште има делови од него што не смее да се запостават. Мора да се работи во насока на заштита и зачувување на овој преостнат негов дел, негово обновување и поврзување со езерото, рече тој, изразувајќи задоволство од подготвеноста на локалната власт и Министерството за животна средина за вклучување на локалитетот во РАМСАР листата заштитени блатни системи.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски најави дека локалната власт е одлучна во намерите да го заштити преостанатиот дел од Студенчишкото блато.

– Општина Охрид јасно го дефинира блатото како проект што мора да биде завршен до крајот на годинава. Следува завршување на ревизијата на студијата за Студенчишкото блато, а понатаму ќе бидат спроведени активности за валоризација на неговата вредност, рече тој.

Александар Настов од Министерството за животна средина и просторно планирање потсети дека оваа година е усвоена националната стратегија за заштита на природата, како и стратегијата за биодиверзитет со акциски план. Според него, важноста на тие документи произлегува од фактот што преку нив Македонија прави приклучок кон Паневропската стратегија за заштита на природата и биодиверзитетот.

– Станува збор за документи што отвараат можност националните приоритетни цели во насока на заштита на природата да станат регионални и на тој начин да се направи нешто повеќе за заштита на природното наследство како цивилизациска и културна придобивка, истакна Настов.

На собирот во Охрид учествуваат педесетина врвни експерти, кои ќе презентираат повеќе од 30 трудови во кои е јасно одразена улогата на блатните еко-системи и вредноста што ја имаат тие преку обезбедување на биолошката разновидност и услугите кои ги нудат.

Се очекува на Конференцијата да биде усвоена и Декларацијата за заштита и ревитализација на Студенчишко блато и Охридското Езеро.

(Миа)

Коронавирус