среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Струмички „Аватар“ беше над законите, затоа короната дивее во градот

Струмички „Аватар“ беше над законите, затоа короната дивее во градот

Виновен ли е ноќниот клуб „Аватар“ за растот на бројот на заразени од корона вирусот во Струмица? Струмица долго време беше една од општините која имаше релативно мал број на заразени со вирусот КОВИД-19, но во последно време бројката на новозаразени почна забрзано да расте. Моментално, бројот на активни случаи во Струмица е 77, а најголем процент на новозаразените се на возраст од 15 до 30 години, возраст на луѓе кои обично се најчести посетили на ноќните клубови.

Инаку клубот кој предизвика најмногу реакции во јавноста беше „Аватар“ кој во услови на пандемија, без да се почитуваат никакви препораки во Струмица организираше забави со стотици гости како што можеше да се забележи и по сликите и видеата кои беа постирани на социјалните мрежи.

Овој клуб кој според пишувањата во медиумите е на членови на фамилијата Заеви, цело време беше над законите. Во време на пандемија на корона вирусот, каде собирите се ограничени, „Аватар“ непречено работеше и организираше масовни журки, без да ги почитуваат прaвилата и прописите. Според фотографиите објавени на социјалните мрежи и медумите можеше да се забележи и дека најчести гости во сега веќе кафе бар „Аватар“ беа синот на премиерот Зоран Заев и на неговиот брат Вице Заев. Откако во јули месец доби еден месец забрана за работа, клубот се пререгистрира во кафуле, така што на крај на август и почеток на септември, клубот продолжи да организира масовни забави, спротивно на прописите на Комисијата за заразни болести.

Како резултат на пропустите, дојде и до пораст на новозаразените со КОВИД-19, а како што денеска информираше директорот на струмичката болница д-р Наќе Гогов сите капацитети во струмичките болници се пополнети.

Тој додаде дека и хируршките амбуланти ќе се подготват за прием на пациенти и во зависност од растот на бројот на новозаболени ќе се одлучи каде ќе се лекуваат новозаболените.

– Засега размислуваме хируршките амбуланти да ги подготвиме за прием на пациенти, а доколку бројката почне енормно да расте, тогаш болните ќе ги лекуваме на првиот кат од новиот болнички крак. Се надевам дека нема да дојде до тоа, но во секој случај сме подготвени за прием на нови пациенти во овие простории кои се во рамки на болницата и најмногу одговараат за сместување на овие пациенти, рече Гогов.

Општинските власти веќе го вклучија алармот, но велат дека сепак немало простор за паника. Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски по денешниот координативен состанок, на кој учествуваа претставници на повеќе државни органи и институции, истакна дека загрижува фактот што најголем процент на новозаразени струмичани се на возраст од 15 до 30 години.

Коронавирус