среда, 23. септември 2020. Вести денес: 128
home Вести

Столтенберг во Скопје, разговори за името во Њујорк

Столтенберг во Скопје, разговори за името во Њујорк

Интензивни активности се предвидени овој месец во процесот на преговори меѓу Атина и Скопје за надминување на спорот околу името. За 19 јануари е закажана нова средба во Њујорк на медијаторот Метју Нимиц со претставници на Грција и на Македонија, а генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе го посети Скопје на 17 и 18 јануари, објави грчкиот весник „Прото тема“.

Германскиот весник „Зидвест пресе“, пак, наведува дека  „грчкиот премиер Алексис Ципрас е подложен од силен притисок од САД за решавање на спорот“.

Весникот наведува дека раздвижувањето на спорот околу името на Македонија се должи на смената на политичкото раководство во Скопје.

Според „Зидвест пресе“, спорот со името е прашање кое сериозно ја засега меѓународната дипломатија, затоа што „станува збор за спор со геополитички размери, што значајно ги надминува и границите на регионот“.

Весникот се осврнува и на улогата на меѓународниот посредник Метју Нимиц, истакнувајќи дека „тој 25 години вложува напори да посредува во спор, којшто многу тешко може да биде разбран од јавноста надвор од Балканот“.

Сложено име со географска одредница за севкупна употреба е позицијата на грчката Влада за прашањето за името на Македонија, било истакнато вчера на состанокот на Владата во Атина.

Телевизијата ЕРТ наведува дека шефот на дипломатијата Никос Коѕиас на состанокот побарал согласност од сите политички сили по тоа прашање.

Главната опозициска партија Нова демократија, според весникот „Катимерини“, смета дека Панос Каменос, лидерот на помалиот коалициски партнер во Владата на Ципрас, на „Независни Грци“ бил согласен на секаков компромис за спорот за името, само за да си ја задржи позицијата во власта.

Весникот „Контрањуз“ тврди дека вчера се одржала тајна средба во четири очи меѓу Ципрас и Панос Каменос на која требало „да се скрши мразот“. Веднаш по тој состанок Ципрас свикал состанок на кој учествувал и вицепремиерот Јанис Драгасакис, шефот на дипломатијата Коѕијас, и други членови на Кабинетот.

Весникот „Вима“ поставува прашње дали настаните околу Македонија ќе „родат“ некаква нова десничарска партија во Грција, поради фактот дека доста пратеници од Нова демократија не ја прифаќаат употребата на името „Македонија“, како евентуално ново име на државата. Според весникиот, однесувањето на тие пратеници предизвикало можна дебата за тоа дали треба да биде создадена нова партија со десничарска ориентација.

Грчките весници вчера цитираа грчки пратеници, кои даваат предлози за новото име на Македонија, како на пример „Дакија“, „Мизија“, „Балканска централна република“ и други.

Коронавирус