среда, 20. октомври 2021. Вести денес: 179
home Вести

Стојановски: Да им помогнеме на здравствените работници

Стојановски: Да им помогнеме на здравствените работници

ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ !

Во моменти кога сме во првиот викенд карантин во историјата на Македонија и кога дома се заштитуваме од вирусот, има луѓе кои се на првите линии на борбата против овој невидлив непријател.

Лекарите, медицинските техничари, лаборантите, болничарите – здравствените работници се луѓето кои ризикуваат се за другите да се безбедни.

Нивниот живот и здравје е под постојан ризик со цел да ги спасат нашите животи.

Се согласувам дека не треба да се политизира оваа тема, ама од друга страна сметам дека секоја идеја или предлог не треба да се квалификува како критика.

Да најдеме начин со идеи и предлози да им помогнеме на здравствените работници во нивната работа, како мал придонес и благодарност за она што во моментов тие го прават за нас.

Да им помогнеме во битката за животот.

Секојдневно се разболуваат здравствените работници. Не поминува ден без да има новозаболени од сите краишта на Македонија.

Над 10% од вкупниот број на заболени во нашата држава се здравствени работници.

Факт е дека се недоволно заштитени и дека немаат ниту минимум здравствена опрема. Недостасуваат скафандери, ракавици, визири, капи и каљачи, заштитни маски.

Луѓето се голораки во борбата со можеби најголемата пандемија со заразна болест во десетици години наназад.

Секојдневно на социјалните мрежи може да се пресретнат повици за помош од лекарите и медицинскиот персонал како апелираат за достава на заштитен медицински материјал.

Луѓето се оставени сами на себе.

Доколку продолжи трендот на раст на заболени во медицински персонал, може да се случи колабирање на целиот здравствен систем по примерот на кожната клиника и центарот за рехабилитација во Козле.

Македонија тоа нема да го издржи.

Мора итно и одлучно да се делува.

Што побрзо владата мора да ја прифати идејата за итно одвојување на фонд од 10 милиони евра кој ќе биде наменет за набавка на заштитна опрема.

Да се стимулира стопанството и државата да склучи договори со домашните текстилни фабрики кои се соочуваат се откажување на договори за работа и преку нив да се обезбедат:
– 100.000 скафандери
– 100.000 визири и
– 1.000.000 заштитни маски но, и да се направи интервентен увоз на 1.000.000 ракавици.
На овој начин ќе се помогне домашната текстилна индустрија, која ќе може да исплати плати, а за лекарите и медицинскиот персонал ќе се обезбеди заштитна опрема по врвен квалитет.

Дополнително, нивото на заштитна опрема мора да се надополнува постојано, се до крајот на кризата, за да не се доведат здравствените работници во дополнителна опасност.

Мора да им се помогне на хероите, на оние кои сега ризикуваат се и даваат најмногу.

Затоа што секој живот вреди!

Фејсбук статус на Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Најнови вести

Локални избори 2021