петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 8
home Вести

Стојаноски: Годинава Македонија ќе заврши со буџетски дефицит од 920 милиони евра, поради СДСМ не чека грчко сценарио

Стојаноски: Годинава Македонија ќе заврши со буџетски дефицит од 920 милиони евра, поради СДСМ не чека грчко сценарио

Денес на собраниската седница се обрати пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ при што посочи дека власта ја труна Македонија во тешка економска криза, со вакво неспособно делување на оваа влада Македонија сигурно оди кон грчко сценарио.

„Пред нас денеска е ребалансот на Буџетот на Република Македонија, за кој сакам да дадам свое размислување, како и да истакнам неколку аргументи. Неколку од многуте, зошто сметам дека овој Буџет на начин на кој што е концепиран нема да ги даде резултатите кои што ги очекуваме. Ова е Буџет за кој што мнозинството тврдеше дека се брза за да се спаси економијата, а беше застанат во Владата на Република Македонија, пет дена“, нагласи Стојаноски.

Стојаноски додаде дека овој Буџет е в износ од 4.1 милијарда евра, најголемиот во историјата на Република Македонија. Овој Буџет е неразвоен и лошо концепиран и ќе ја турне државата во уште поголема финансиска криза, наместо да ја оствари основната цел да го спречи истото.

„Македонската економија е во слободен пад, најголем од 94-тата година наваму, а за тоа е виновна нели КОВИД-19 пандемијата во најголем дел, но сепак резултатите од првиот квартал 2020-тата година укажуваат дека македонската економија е во криза и пред КОВИД-19. А, оваа пандемија брутално ги откри слабостите на здравствениот и на финансискиот систем“, истакна Стојаноски.

Стојаноски посочи дека со овој ребаланс Македонија е и официјално високо задолжена земја според Мастришкиот стандард, и ја проби психолошката граница на задолженост од 60% на БДП, и сега нашата задолженост изнесува 60.3% или во апсолутна бројка 6.5 милијарди евра.

„Полошо од ова не може, засилено галопираме кон грчкото сценарио. Годинава ќе ја завршиме со буџетски дефицит од 920 милиони евра или 8.5% од БДП пари кои што не верувам дека некој знае во оваа држава како ќе ги вратиме. Во последнава година Република Македонија се задолжи повеќе од една милијарда евра или 10% од вкупниот државен долг за само 12 месеци, а економијата тоне, народот осиромашува“, рече Стојаноски.

Стојаноски потенцира дека поради катастрофалната економска состојба во државата има илјадници затворени бизниси, нови 40.000 невработени граѓани, само 17.690 граѓани во вториот квартал ги изгубиле своите работни места. И граѓаните имаат за 13 евра поскапа потрошувачка кошничка за овој месец споредбено од лани. Безброј луѓе се на минимална плата, а владата ги задолжи граѓаните и државата за милијарда евра кои не се знае каде завршија.

Коронавирус