вторник, 25. јуни 2019. Вести денес: 31
home Вести

Стоилковски: На ЦО на СДСМ мора да се сменат сите министри

Стоилковски: На ЦО на СДСМ мора да се сменат сите министри

Интегрален текст од прес-конференцијата на Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ

Единствен начин Зоран Заев да и помогне на Македонија е самиот да ја понесе одговорноста на вечерашниот состанок на ЦО на СДСМ. Граѓаните на избори веќе му кажаа дека треба да си замине заедно со криминалната, расипничка и антидржавна политика што ја практикува повеќе од две години. Заев загуби во повеќе од половината општини во Република Македонија бидејќи лагите и измамите веќе не минуваат, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

-Точно е дека одговорност имаат и претседателите на општинските организации на партијата кои молчеа и го поддржуваа криминалот на Заев и на неговите соработниците само за некое вработување или поситен бизнис. Тие треба да бидат сменети, но најголемата одговорност е лично кај Заев и кај неговите први соработници, потенцираше Стоилковски.

Како што рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев мора да понесе одговорност за не добивањето датум за преговори со ЕУ и за лагата дека датата „кристално чиста е добиена уште лани“. А и за ветувањата од него дека Бујар Османи ќе одговара, дека ќе има кривична за него заради криминал.

-ЦО на СДСМ мора да ја смени и Рената Десковска заради сите проблеми во правниот систем, а претходно и во образованието. Единствено што сработи е селективната амнестија и отповикување на неотповикливата оставка на директорот на затворот Скопје. ЦО на СДСМ мора да го смени Дамјан Манчевски, познат како Дамјан на Рада, заради 3.000 нови вработени во администрацијата, спроведувањето непотизам и партизација на општеството на администрацијата која нели беше преполна и тешка. ЦО на СДСМ мора да го смени Оливер Спасовски заради неуспехот да се справи со расцветаните криминал, убиства и корупција и особено заради меѓународни документи кои покажуваат спрега на власта и заштита на криминални групи. ЦО на СДСМ мора да бара смена на Венко Филипче, заради пропаста на јавното здравство и секојдневни криминални тендери и приватизирање на здравството, додека повеќе од една година беснее епидемија на сипаници, нема ниту посочување на жариштето, на изворот, а се врати и шугата! ЦО на СДСМ мора да ја смени Мила Царовска заради кратењето на пензиите и забошотената афера со пензискиот фонд! Уште повеќе заради нејзината поврзаност со летање дронови на државна сметка. ЦО на СДСМ мора да го смени Горан Сугаревски бидејќи две години нема ниту еден метар асфалт ставено низ Република Македонија, а два автопати стојат во место! Падот на градежништвото и не реализацијата на капиталните инвестиции не се причина според Заев за барање одговорност од Сугаревски. ЦО на СДСМ мора да ги смени Кочо Анѓушев но и Драган Тевдовски заради колапсот на економијата, бруталното задолжување и криењето на јавниот долг, додека нема ниту една инвестиција, и ниту една нова фабрика низ земјава. ЦО на СДСМ мора да ги смени и казни блиските советници и соработници на Заев кои како адвокати влечат огромни суми од јавните претпријатија за адвокатски услуги. ЦО на СДСМ мора да ги смени пратениците и градоначалниците од СДСМ заради трговија на црно и деспотско однесување. Но тие му се потребни за да му минува семејниот бизнис! Истакна Стоилковски,

Тој додаде дека Зоран Заев нема намера да престане со лажење и девастација на државата, претворање на Република Македонија во приватен пашалак на кланот на власт. Тој наместо државни функционери, ги менува своите послушници во општинските партиски канцеларии, после изборниот неуспех, само во обид да го намали незадоволството и разочарувањето во СДСМ од него. Ќе постави свои нови луѓе за да може да добие уште малку време и да си овозможи поблаго атерирање по падот од власта!

-Зоран Заев нема да го смени својот однос кон граѓаните, понижувањето, лажењето и девастацијата на општеството кое тоне во немаштија и секојдневно бега од државата. Зоран Заев и неговиот клан се најголемата непогода за Република Македонија. Зоране Заев, не можеш да избегаш, падот ти е неизбежен. И ќе биде онолку поболен, колку што одолговлекуваш да си заминеш!