сабота, 17. август 2019. Вести денес: 49
home Вести

Стефанова во ЈО пет часа зборуваше за „Рекет“, Катица Јанева чека покана

Стефанова во ЈО пет часа зборуваше за „Рекет“, Катица Јанева чека покана

Во Обвинителството за организиран криминал од почетокот на неделава изјави за случајот „Рекет“ дадоа специјалните обвинителки Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, но од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не откриваат дали и кога ќе биде повикана нивната шефица Катица Јанева.

Додека од СЈО велат дека Катица Јанева се уште нема добиено никаква покана од Јавното обвинителство, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на прашањето дали и кога ќе биде повикана СЈО Катица Јанева, одговори дека однапред не објавуваат поради непречено одвивање на истрагата и обезбедување на доказите.

Исказ во својство на сведок вчера во ЈО даде обвинителката Лиле Стефановска, која заедно со Катица Јанева беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“,

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова по петчасовниот распит во Обвинителството за организиран криминал изјави дека со надлежниот обвинител споделила се што и е познато за случаите „Империја“ и „Рекет“.

– Се што можев да споделам со јавноста јас го споделив во даденото соопштение во петокот. Денеска дојдов овде во својство на сведок. Околу пет часа давав исказ како сведок и се што ми е познато за овој случај го изнесов пред надлежниот јавен обвинител. Имајќи го предвид мојот статус на сведок и тајноста на истрагата не можам да кажам нешто друго од она што веќе го имам споделено, изјави Стефанова на излегување од Обвинителството.

Во Јавното обвинителство завчера за случајот „Рекет“ даде исказ обвинителката Елизабета Јосифовска од Специјалното јавно обвинителство.

Јосифовска претходно потврди дека таа го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на осмоничениот во „Империја“, Орце Камчев, но појасни дека одлуката била на Јанева и таа како нејзина заменичка била должна да ја потпише, бидејќи ја заменувала додека била на одмор.

Истрагата за „Рекет“ во Јавното обвинителство ја води шефицата на организиран криминал Вилма Рускоска.

Засега единствените осомничени за случајот „Рекет“ Бојан Јовановски и Зоран Милески остануваат во притвор, откако вчера Кривичниот совет при Основниот кривичен суд им ја продолжи мерката за уште 30 дена.

Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Зоки Кичеец, Обвинителството ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело“.