петок, 22. октомври 2021. Вести денес: 32
home Вести

Став на Еврејската заедница за улогата на Царството Бугарија во депортацијата на македонските Евреи во Треблинка

Став на Еврејската заедница за улогата на Царството Бугарија во депортацијата на македонските Евреи во Треблинка

Имајќи ги предвид константните и континуирани обиди за наметнување на само една „историска вистина“ во врска со историски настани што се случувале на територијата на денешна Република Македонија за време на Втората светска војна, Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија потсетуваат на неоспорните историски факти кои се општо прифатени а се однесуваат на улогата на Царството Бугарија во холокаустот и депортацијата на Евреите од денешна Северна Македонија и го реафирмираат својот став:

1. За време на Втората светска војна територијата на денешна Република Северна Македонија, на која живееле околу 8 000 Евреи, е под директна окупација на Царството Бугарија и Италија, кои се сојузници во оската. Еврејското население кое живее во Македонија за време на Втората светска војна се наоѓа под бугарска окупација. Бугарските пронацистички окупаторски власти веднаш го спроведуваат врз Евреите антисемитскиот Закон за заштита на нацијата со кој на Евреите им се ускратуваат сите граѓански права, се дехуманизираат, се воведува Законот за еднократен данок на имот, со кој се „легално“ ограбени, се задложуваат сите Евреи да носат Давидова ѕвезда, еврејските куќи се обележани, дуќаните затворени, бизнисите и парите конфискувани.

2. Бугарската пронацистичка власт, на чело со Богдан Филов и цар Борис Трети, дава согласност за потпишување договор за иселување (депортација) на Евреите од окупираните територии од страна на Бугарија, но и од самата Бугарија. На 22 февруари 1943 година Александар Белев, комесар за Еврејските прашања и Теодор Данекер, претставник на нацистичка Германија го потпишуваат Договорот за најпрво иселување на 20 000 Евреи од окупираните територии и од самата Бугарија. Согласно со овој Договор, на 11 март 1943 година бугарската пронацистичка војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип… и ги транспортираат во привремениот логор, кој служел како транзитен логор, во Тутунскиот комбинат во Скопје – Монопол. Оттаму 7 144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време, во три одделни транспорти, 22-ти, 25-ти и 29-ти март 1943 година, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за Еврејските прашања и со логистика на бугарската железница се депортирани и предадени на нацистите во центарот за убивање Треблинка. Никој од депортираните Евреи не се врати жив.

3. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ги сметаат бугарските пронацистички власти од тоа време за директно одговорни за насилното собирање на Евреите од нивните домови, грабежот врз движниот и недвижниот имот, депортацијата на Евреите од денешна Северна Македонија, Источна Македонија и Тракија во денешна Грција и градот Пирот во денешна Р. Србија за време на Втората светска војна. Повеќе од 11 300 Евреи од окупираните територии се насилно депортирани во смрт од страна на бугарската пронацистичка влада од тоа време.

4. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот не забораваат и им оддаваат должна почит на македонските граѓани од разлчни етникуми, знајни и незнајни, кои ги ризикуваа сопствените животи и животите на нивните семејства за да спасат Евреи од сигурна смрт и се прогласени за праведници меѓу народите:

Алипармак Борис и Васка

Рибарев Трајко и Драгица

Сиљановски Стојан

Тодоров Александар и Блага

Хаџи-Митков Тодор и Пандора

Чекада Смилјан

Евреите од Северна Македонија им оддаваат и должна почит на бугарската православна црква, антифашистичката јавност, 43 парламентарци на чело со Димитар Пешев и на други интелектуалци кои со своите заложби успеаја да ја запрат депортацијата и да ги заштитат Евреите од Бугарија од пронацистичкиот бугарски режим, но не и Евреите во окупираните територии.

5. Евреите за време на Втората светска војна активно се влучија во Народноослободителната и антифашистичка војна заедно со своите сограѓани Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци. Многу Евреи го дадоа својот живот борејќи се за слобода. Една од нив е Естреја Овадија-Мара, која загина во 1944 година борејќи се против бугарската окупаторска војска, а подоцна е прогласена за народен херој.

6. Денешната власт во Република Бугарија има морална обврска да ја признае вината и да ја преземе одговорноста, по примерот на многу европски држави кои биле на погрешната страна за време на Втората светска војна за злосторствата кои нивните претходници, пронацистичката влада, ги направија врз еврејското население во окупираните територии за време на Втората светска војна.

Република Бугарија со укинувањето на пресудите во 1996, донесени од Народниот суд во 1945 и аболицирање на злосторниците од Втората светска војна свесно ја прикрива својата мрачна историја и со тоа ја искривува вистината за холокаустот што го направија нивните претходници врз еврејското население во окупираните територии. Ова е во целосна спротивност на дефиницијата на ИХРА за негирање и искривоколчување на холокаустот.

7. Јавно ја повикуваме владата (или официјалните избрани политички авторитети – премиер, претседател, претседател на парламент) на Република Бугарија да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста. Колку поскоро демократска Република Бугарија се соочи со болните и мрачни моменти од своето минато, помирувањето е возможно, бидејќи негирањата на злосторствата е прв чекор кон нивно повторување.

8. Овој став во никој случај не смее и не може да биде протолкуван како антибугарски кон денешна демократска Република Бугарија и нејзиниот народ.

Локални избори 2021