четврток, 15. април 2021. Вести денес: 0
home Вести

Стаменковска Трајкоска: Царовска бега од темата „Нова Концепција” и создава несигурност и страв во образованието

Стаменковска Трајкоска: Царовска бега од темата „Нова Концепција” и создава несигурност и страв во образованието

Пропадна уште една платформа на Мила Царовска. Системот за исплата на платите во државните училишта не функционира. Платата во одреден број училишта доцни со денови, а доцни и исплатата за дополнителните обврски на наставниците, рече на денешната прес-конференција Бети Стаменковска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Бројни наставници од одделенската настава работат во две смени. Им беше ветена исплата на прекувремената работа, за што директорите беа задолжени да ги бележат часовите на прекувремена работа. Од исплата нема ништо, а таа е префрлена на општините. Од сите училишта во Македонија, само во две во Тетово наставниците добиле едни по 2.000 денари во училиштето „Лирија“, а други во училиштето „Истигбал“, каде што помошник директор е сестрата на Теута Арифи добиле еднократно 5.000 денари. Но, ни самите не знаат за што им се тие пари исплатени, преку кој фонд и по кој основ. Средствата за прекувремена работа на наставниците треба и мора да им се исплатат од блок дотациите на општините, кои за оваа намена, нагласуваме, не се покачени! Сето ова се случува во моменти кога Мила Царовска, вешто бега од темите „Предлог Концепцијата за реформа во основното образование“ и од состојбата со учебниците. Ниту се знае дали новата концепција е потпишана од Царовска, ниту има информација за изработка на наставните програми. Според наши сознанија, а и според одговор на побарана информација од јавен карактер од МОН и БРО, што јас лично ги побарав, не се подготвува изработка на наставните програми според новата концепција. Притоа, со таење на информации од јавноста, Царовска дозволува ширење на шпекулации кои создаваат несигурност и страв кај вработените во образованието, кај родителите и кај учениците. Царовска има обврска да стави крај на оваа општо разногласие. Царовска мора да одговори на јавноста, по шпекулациите дека дел од програмите се подготвени, што би било спротивно на закон, ако концепцијата не е потпишана? Од друга страна, Царовска најави обука за наставниците од јуни до септември, период на годишни одмори. Предупредуваме дека набрзина подготвените наставни програми, понудени на необучени наставници, може да донесе многу голема штета, истакна Стаменковска Трајкоска.

Се надеваме дека гласот на стручната јавност допрел до Царовска и не ја потпишала Концепцијата за реформи во основното образование. Дури и најнаивните кои би поверувале дека повлекувањето на учебниците се со искрена намера за нивно подобрување, увидуваат дека постапката е политички диригирана за потребите на владејачката гарнитура, додаде таа.

Коронавирус