четврток, 22. август 2019. Вести денес: 109
home Вести

ССНМ: Заев да внимава што зборува за новинарите

ССНМ: Заев да внимава што зборува за новинарите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ја осудува изјавата на премиерот Зоран Заев во која тој покажа голема доза на нетрпеливост кон неименуван новинар нарекувајќи го „суетен“.

-ССНМ смета дека кога вакви, во најмала рака непримерни изјави насочени кон новинарите и медиумските работници, доаѓаат од највисоките државни функционери, може да се толкуваат, перцепираат и прифатат од дел од јавноста како отворање фронт кон новинарите, загрозување на нивната безбедност и ограничување на слободата на печатот и затоа бара од премиерот Заев да се извини. Нагласуваме дека на почетокот на мандатот владата на Заев ветуваше борба против нападите врз новинарите и се залагаше за слобода на изразувањето, но вчерашната изјава на премиерот Заев е во целосна спротивност на тие заложби, истакнуваат од ССНМ.

Оттаму додаваат дека иако премиерот Заев не прецизираше за кој „суетен новинар“ се работи, јавноста препозна дека изјавата е насочена кон уредникот Бранко Героски, кој и самиот соопшти дека по изјавата бил цел на зголемен број на напади и дискредитации на социјалните мрежи.

-Тоа докажува дека политичарите, а особено оние на највисоки функции мораат да бидат внимателни при своите изјави бидејќи една несоодветна изјава може да предизвика штети од несогледливи размери како кон поединци, така и врз слободата на изразување, стои во соопштението.