сабота, 1. октомври 2022. Вести денес: 0
home Вести

Средбата Заев – Ципрас во фокусот на грчките медиуми

Средбата Заев – Ципрас во фокусот на грчките медиуми

Учеството на Алексис Ципрас на Светскиот економски форум во Давос и средбите со Зоран Заев и Кристин Лагард, се главните теми во грчките медиуми во изминатите 24 часа.

Паралелно со заминувањето на грчкиот премиер во швајцарскиот зимски ски центар, во Грција, јавува дописникот на МИА од Атина, не запира дебатата околу протестите за „одбрана на името Македонија“, но со несмален ритам продолжуваат и препукувањата меѓу владејачката СИРИЗА и опозициската Нова демократија во однос на прашањето за името.

„Денес одлучувачката средба Ципрас – Заев“; „Време е за македонското прашање во смрзнатиот Давос“; „Предлозите на Нимиц на средбата Ципрас – Заев“; „Во снежниот Давос, се одлучува за скопското прашање“;„Момент на вистината за скопското прашање“; „Ципрас – Заев во снежниот Давос: Ќе се стопи ли мразот за името на Скопје?“, се само дел од насловите во грчките медиуми во најавата и анализите за денешната средба на двајцата премиери на маргините на форумот.

Според официјалната програма на грчкиот премиер,  Заев и Ципрас ќе се сретнат во 15 часот.

И онлајн изданијата на весниците и информативните портали, но и телевизиите во Грција објавуваат дека грчкиот премиер на средбата заминува со грчката национална позиција што ќе му ја пренесе на неговиот македонски колега – дека Атина сака сложено име со географска или друга одредница, ерга омнес. Но, и дека Алексис Ципрас од Зоран Заев ќе побара практични и материјални докази и потези дека иредентизмот веќе му припаѓа на минатото.

– Атина очекува потег на добра волја од Скопје, што ќе му даде можност на грчкиот премиер да го поддржи аргументот дека политичките околности и во двете земји се можност за решавање на прашањето. Овој потег може да биде исполнување на едно од ветувањата на Скопје, или преименување на аеродромот во Скопје или отстранување на споменикот на Александар од центарот на градот, пишува порталот Real, онлајн изданието на неделникот Real news, пренесува МИА.

Според новинарот, се очекува двајцата премиери да дадат оценка на досегашните преговори и да ја истражат можноста за договор врз база на последните предлози на Нимиц.

– Од кабинетот на Ципрас, денешната средба ја опишуваат како „момент на вистината“, односно клучна точка за да се види во пракса дали најавите на господинот Заев за расположение за конструктивен придонес во преговорите и волја за неопходните компромиси се реални или не, коментира „Катимерини“.

– Алексис Ципрас и Зоран Заев денеска ќе имаат можност да ја искористат преговарачката подготовка меѓу преговарачите на двете земји, но и на министрите за надворешни работи, за да може да се влезе во суштински разговор и да се одреди колку се блиску или далеку нивните позиции,  пишува информативниот портал Њуз 247.

– Во владата, првично негуваа амбиции дека средбата може да донесе дури и конечен договор. Сепак, ова очекување е далеку од реалноста, објавува информативниот портал Ин.

Според официјалните изјави, како од владиниот портпарол, така и од шефот на грчката дипломатија, Атина очекува да се направи напредок во насока на изнаоѓање на заемно прифатливо решение, но е и во исчекување на „разговорите во Давос што ќе покажат каде се движиме“.

Во анализите и коментарите во грчките медиуми, независно дали станува за весник, телевизија или портал, новинарите, денешната средба во Давос, индиректно ја поврзуваат со протестот во Солун и најавените демонстрации за 4 февруари во Атина.

Од исходот на средбата со македонскиот премиер ќе се знае кои ќе бидат и следните чекори на Алексис Ципрас, дали ќе побара од претседателот свикување лидерска средба или ќе има одделни средби со претседателите на политичките партии. Грчките медиуми, јави дописникот на МИА од Атина, не исклучуваат ниту едно од овие сценарија, со оглед на тоа дека грчкиот премиер се стреми кон постигнување на најширок можен национален консензус, но се ќе зависи од текот на средбата со Заев во Давос.

Коронавирус