петок, 23. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Средба Заев-Столтенберг во Брисел

Средба Заев-Столтенберг во Брисел

Премиерот Зоран Заев денеска во Брисел ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Средбата се одржува на десеттина дена пред Самитот на Алијансата во Брисел од кој Македонија очекува да и биде упатена официјална покана за членство во НАТО.

Заев пред денешната средба со Столтенберг изјави дека очекува да биде информиран дека на Самитот на Алијансата на 11 и 12 јули Македонија ќе ја добие долго очекуваната покана.

– Јас сум во петок наутро веќе со генералниот секретар на НАТО Столтенберг на работен состанок и на прес-конференција и знам дека ќе објавиме очекување на одлука на 11 и 12 јули за покана на Македонија за полноправно членство во НАТО. Тоа значи испраќање на поканата и почнување на три до петмесечниот скрининг процес за уште еднаш да ја провериме земјата и да видиме дали е во суштина подготвена комплетно по што по три месеци очекуваме да се отвори поканата за потпишување на Протоколот од сите земји членки на НАТО, рече Заев.

Тој кажа дека е убеден оти сите членки на НАТО ќе го ратификуваат Договорот.

– Ќе ни треба помошта од пријателите тоа да биде побрзо заради тоа што Македонија долги години чека пред вратите на НАТО. Верувам дека ова силно охрабрување не само за нас, туку и за останатите земји кандидати за членство во НАТО ќе значи силна мотивација да продолжат по патот по којшто се движеше Македонија и еве успеа конечно да ја добие поканата од НАТО, рече Заев.

И националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски вчера на 98. РОС-РОТ Семинар што се одржува во македонското Собрание, искажа очекување дека Столтенберг денеска ќе го објави тоа што македонските граѓани го чекаат со години.

Генералниот секретар на НАТО, пак, 25 јуни изјави дека очекува на Самитот шефовите на држави и влади да се договорат за пристапни преговори, и оти Алијансата ќе може да ја покани Македонија да стане полноправна членка доколку Договорот за спорот за името се финализира.

– Очекувам шефовите на држави и влади да се договорат за пристапни преговори, потоа ќе можеме да ја поканиме ПЈР Македонија да стане полноправна членка доколку Договорот се финализира. Финализирање значи целосна ратификација, референдум и позитивно гласање, ако тоа се случи оптимист сум, повтори Столтенберг.

Столтенберг рече дека доколку Договорот за името не помине на референдум, тешко Македонија да добие покана за НАТО.

– Ако ПЈРМ  го имеплементира и финализира Договорот со позитивно гласање тогаш НАТО ќе ја покани земјата да стане полноправно членка. Ова е историски Договор кој пружа историска прилика на ПЈРМ да стане членка, и ги повикувам луѓето во земјата да ја зграпчат оваа прилика и да го поддржат Договорот. Ако не се поддржи Договорот не гледам како е можно да се покани земјата. Ова е единствена прилика и треба да се зграпчи, рече Столтенберг. (МИА)

Коронавирус