петок, 3. декември 2021. Вести денес: 64
home Вести

Средба на властите и верските лидери: Упатија заеднички апел во пресрет на празниците

Средба на властите и верските лидери: Упатија заеднички апел во пресрет на празниците

Премиерот Зоран Заев, заедно со првиот-заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за здравство, Венко Филипче и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски, се сретна со поглаварите на верските заедници во земјава – на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи.

На состанокот е констатирано дека преземените мерки за заштита на јавното здравје дадоа резултати, што го покажува намалувањето на бројот на заболени лица и на граѓани кои имаат потреба да бидат згрижени во болниците, со што се создаваат и можности за поспокојно одбележување на верските празници Велигден и Рамазан Бајрам.

Изразен е заеднички став дека ваквата ситуација не значи и опуштање, поради што Владата и верските лидери на МПЦ-ОА и на ИВЗ апелираат до сите граѓани и понатаму да ги почитуваат мерките за заштита, затоа што од тоа ќе зависи и дали ќе има нови олабавувања на мерките и на полицискиот час.

Владата и поглаварите на МПЦ-ОА и на ИВЗ, во пресрет на одбележувањето на верските празници, заеднички укажуваат дека од голема важност е дисциплината и индивидуалната одговорност на верниците и на граѓаните, во делот на почитувањето на важечките протоколи, како што се носењето маска на отворен и затворен простор, држење дистанца, негрупирање, присуството во внатрешноста на верските објекти да не е поголемо од 30-процентна исполнетост на капацитетот.

Премиерот Заев и претставниците на Владата се заблагодарија на поглаварот Стефан и на реисот Шаќир Фетаи за придонесот во справувањето со пандемијата.

Договорено е дека и Владата и МПЦ-ОА и ИВЗ ќе продолжат да се заложуваат за заштитата на јавното здравје, со што ќе се овозможи спокој и благодет во семејствата и во општеството.

Коронавирус