четврток, 4. март 2021. Вести денес: 167
home Вести

Средба на претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски со чешкиот амбасадор Мирослав Томан

Средба на претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски со чешкиот амбасадор Мирослав Томан

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски, денеска оствари средба со амбасадорот на Чешка, Н.Е. Мирослав Томан.

На почетокот на средбата Николоски се заблагодари за прифатената покана за средба од страна на амбасадорот Томан, и искажа благодарност за континуираната и силна поддршка на Чешка за нашата европската интеграција. Николоски ја образложи идејата за формирањето на Националниот совет за евроинтеграции од 2007 година, неговата улога во пристапните преговори, одлучувањето со консензус на членовите со право на глас и за составот на Советот кој вклучува членови и претставници не само од законодавната или извршната власт, туку и од општествениот сектор, стопанските комори, религиските заедници, МАНУ.

Чешкиот амбасадор Томан истакна дека во процесот на европската интеграција, улогата на опозицијата како и поблиска соработка меѓу позицијата и опозицијата се круцијални и убеден е дека мора да се најде поскоро решение за проблемите за да може што поскоро да започнат пристапните преговори. Реформите во клучните области во процесот на евроинтеграцијата, мора целосно да се спроведат.

Николоски го информираше амбасадорот Томан, за неговата интенција како претседател на ова важно тело да биде активно во постојниот состав на Собранието, и да дебатира за клучни теми во процесот на европската интеграција, а претставниците на земјите членки во ЕУ ќе имаат можност на седниците на Советот да споделат искуства и со тоа да го помогнат пристапниот процес во ЕУ.

На средбата Николоски искажа благодарност за Чешката принципиелност и поддршка на политиката на проширување на ЕУ, особено покажана на состанокот на Европскиот совет во декември минатата година, во однос на заклучоците за проширувањето предложени од страна на Германското претседателство.

Истовремено Николоски искажа благодарност на силната поддршка и ангажираност на Вишеградската група, за добивање на членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан.

Соговорниците разменија мислења за реформите во клучните области, за актуелната состојба предизвикана од пандемијата со Ковид-19, регионалната соработка, можностите за пренесување на експертиза и искуство со цел зајакнување на капацитетите на Националниот совет и на Собранието во процесот на пристапните преговори со Европската Унија.

Најнови вести

Коронавирус