вторник, 20. октомври 2020. Вести денес: 135
home Вести

Србов: Со штетниот договор Македонија се обврзува на нелогични и потценувачки отстапки, а Бугарија нема никакви обврски

Србов: Со штетниот договор Македонија се обврзува на нелогични и потценувачки отстапки, а Бугарија нема никакви обврски

ВМРО-ДПМНЕ смета дека односите со соседна Бугарија треба да се унапредуваат и продлабочуваат на секое поле. Овие односи треба да се градат според основниот принцип на меѓународното право, кој вели дека: државите се еднакви во односите помеѓу себе бидејќи во нив стапуваат како рамноправни субјекти без разлика на нивната големина, изјави денеска на прес-конференција Никола Србов од ВМРО-ДПМНЕ.

-За жал договорот за добрососедство кој што го преговараше владата на Заев, а го ратификуваше мнозинството предводено од СДСМ не е соодветна основа за натамошно зближување базирано на взаемна почит. Договорот за добрососедство со Бугарија можеше и мораше да биде подобар во неколку сегменти. Помалку важно е дали лошиот договор кој што е постигнат е резултат на неспособните преговарачите, на некаков притисок или на желба за додворување. Поважно е тоа што неговата примена ќе значи промена на историјата на земјата, рече Србов.

Договорот кој СДСМ го направи со Република Бугарија, нагласи тој, е целосно асиметричен и на штета на Република Македонија. Во овој договор Република Македонија се обврзува на нелогични и потценувачки отстапки додека Бугарија нема никакви обврски.

-Со овој договор власта и дава отворена можност на Бугарија да може да ја блокира државата во било кој дел од нашите преговори со ЕУ доколку истата оцени дека Македонија не исполнила одреден дел од договорот. Какви ќе бидат барањата од бугарска страна, за жал во моментов никој не знае. Ова е минирање на позициите на сопствената држава и легален инструмент за кочење на  Македонија подарен од Заев на Република Бугарија. Оттука гледаме дека Заев воопшто не се ни обидел да склучи поволен договор за сопствената држава. Договори од ваков тип не се склучуваат под еуфорија на моменталните политички констелации бидејќи тоа е погубно за државата, рече Србов.

СДСМ со овој договор го деградира македонскиот јазик и истиот се согласува во мегусебниот договор да биде ословуван како јазикот според Уставот. Заев го менува јазикот кој е кодифициран повеќе од 70 години. Власта дополнително се откажа и од македонското малцинство во Бугарија, за кое согласно чл. 49 од Уставот на државата има обврска да се грижи.

-Македонската посебност како народ сериозно се разнишува со овој договор, преку формирање на комисии кои ќе испорачуваат политички предлози за измени во учебниците кои потоа треба да се реализираат. Неизвесно е според која научна методологија ќе се ревидира историјата на Република Македонија. Повторуваме, ревизија исклучиво на македонската историја, што значи и ревизија на се она за кое што се бореле нашите предци. ВМРО-ДПМНЕ смета дека продлабочувањето на односите со Бугарија треба да се базира на економијата и технолошкиот прогрес како што тоа се прави во современиот свет. Наместо негирање и потценување, во заемните односи имаме потреба од конструктивност и градење на доверба, заклучи Србов.

Коронавирус