четврток, 13. август 2020. Вести денес: 116
Во живо

Прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

home Вести

Србов: Членството на СДСМ не го чувствува како свое ова раководство и не сака да биде користено како жив штит пред семејството Заеви

Србов: Членството на СДСМ не го чувствува како свое ова раководство и не сака да биде користено како жив штит пред семејството Заеви

Ни преостануваат точно 10 дена пред да ја донесеме одлуката во кој правец ќе се движи Македонија. Знам, во Македонија речиси сите парламентарни избори имаат историска тежина во дадениот момент, и тоа е така бидејќи се наоѓаме во навистина турбулентен регион во кој речиси секоја година се отвораат или затвораат крупни прашања. Но покрај регионалните прашања во Македонија ние имаме и внатрешните прилики кои по својата тежина се еднакви со регионалните, анализира Никола Србов.

Во продолжение следува неговиот статус:

Граѓаните навистина имаат избор, дали да го дадат својот глас за компромитирани политичари кои се многу лесен „плен“ за силите кои посакуваат хаос во пресрет на региналните разврски или политичари кои овие сили немаат со што да ги уценат. Владејачката СДСМ и нејзините моментални функционери во последните неколку години толку многу се искомпромитираа што ги прави ранливи и лесни за уцена.

Во внатрешната политика овие компромитирани политичари го убедуваат народот дека „сите се исти“ (тоа е краен стадиум кога веќе си соочен со поразот), но реално, како може да се исти еден Зоран Заев кој бил градоначалник на Струмица три мандати и кој има еден куп афери за време на неговото претседателствување со Владата, или една Радмила Шеќеринска која е во самиот врв на партијата скоро 25 години, со еден Христијан Мицкоски кој нема никакви црни петна зад себе и нема оставено никаков криминал во своето работење? Како овие две нешта можат да бидат исти?

На крајот, кога на Мицкоски не можеа да му пронајдат ништо со кое би го искомпромитирале, започнаа да поставуваат билборди со луѓе кои веќе 4 години не се присутни на политичката и општествената сцена во Македонија. Билбордите преку кои им сугерираат на граѓаните да излезат на гласање укажуваат на неколку сериозни нешта со кои моментално се соочува СДСМ.

1. Ги загубија активистите на „шарената револуција“, оние активисти кои протестираа заради убедување и благодарение на кои во 2016 година се приближија со гласови до ВМРО ДПМНЕ.
2. Членството на СДСМ не го чувствува како свое изворно ова раководство на партијата.
3. Ги губат албанските гласови.

– На парламентарните избори во 2016 година доколку не излезеше оној квантум на гласачи кои претходно не излегувале на гласање резултатот ќе беше ист како на изборите во 2014 година. Тие гласачи излегоа благодарение на кампањата која се водеше преку „шарената револуција“ и сакаа промена на власта. Со катастрофалната политика која ја водеше СДСМ изминативе 3 години дефинитивно ги изгуби овие гласови. Видете, многу е тешко некој граѓанин од првата изборна единица, кој во 2016 година гласал очекувајќи некаква промена на дотогашната политика сега да го натерате да излезе и да гласа за спас на семејните бизниси на Заеви во Струмица. Дополнително, онаа снимка во која Зоран Заев зборува со најдолен и вулгарен речник за членовите на „шарената револуција“ само ја потврди злоупотребата која ја направил манипулирајќи со незадоволството кај тие луѓе. Паролата која беше фундамент на тие активисти – „нема правда нема мир“ заврши со рекет спроведуван од институцијата која требаше да ја донесе таа правда и на која секој ден „во 18 пред СЈО“ ѝ даваа поддршка.

– Членството на СДСМ не го чувствува како свое ова раководство и не сака да биде користено како жив штит пред семејството Заеви. Со оној билборд раководството на СДСМ цели да ги натера незадоволните членови да излезат на гласање како последна шанса да се спаси од одговорност. Но членството знае дека ќе одговараат носителите на власта кои извршиле криминал, а за самите членови утрото на 16 јули ќе биде исто како сите утра до сега. Впрочем и снимката која излезе а во која Заев укажува дека расчистил со Бранко Црвенковски и „бранковистите“ во партијата го потврдува длабокиот јаз. До сега СДСМ важеше за партија која своите внатрешни несогласувања и судири помеѓу разни крила или стари и нови раководства секогаш ги чувала исклучиво помеѓу ѕидовите на Бихаќска, но сега веќе не е така, Заев отворено ги елиминира сите оние кои не припаѓаат на „подобните кланови“ во партијата и ги понижува.

– После изборите во 2016 година Албанците сфатија дека, не само што Заев ги рачуна како обична бројка, туку ги третира и како т.н. „Албанци по професија“ што е исклучително навредливо за секој Албанец во Македонија. Секојдневното потенцирање на Албанците од страна на СДСМ оддава впечаток дека ги користи како бројка за поткрепа на неговото партиско „Едно општетсво за сите“. Многу е навредливо кога некој ви кажува дека единственото нешто заради кое сте се нашле на некаква позиција е вашата етничка припадност, тоа се граничи со расизам. И за разлика од 2016 година сега Албанците имаат доста поголем избор на политичката сцена.

Кога само вака површно ќе ги согледате сите овие работи, кои се само еден мал дел од сето она кое може да се каже, заклучокот е дека победата на ВМРО ДПМНЕ на овие избори е бетонирана, оттаму произлегува нервозата кај СДСМ и кампањата која ја водат. Оној билборд кажува многу, тој зборува за стравот кој владее во раководството на СДСМ.

Коронавирус