недела, 29. ноември 2020. Вести денес: 0
home Вести

СРАМНО: Во време на пандемија се отпуштаат околу 100 медицински работници- Филипче ветуваше, па ги остави на улица?

СРАМНО: Во време на пандемија се отпуштаат околу 100 медицински работници- Филипче ветуваше, па ги остави на улица?

КУРИР дојде до срамни информации во време на пандемијата со коронавирусот во нашата земја.

Имено над 100-тина медицински работници остануваат на улица поради тоа што Министерството за здравство и министерот Венко Филипче не сакаат да им го продолжат договорот.

Станува збор за патронажните сестри на ниво на целата земја како и лекарите кои се вработени во овој проект.

Имено во јуни 2019 година Министерството за здравство објави оглас за јавен повик за сите медицински сестри кои се заинтересирани за работа во службите на патронажната дејност да се јават на конкурсот. Условите кои се бараа беа да се има завршено средно или вишо медицинско образование со положен стручен испит.

Проектот започна на први ноември истата година.

-Бевме повикани од страна на директорите на здравствените домови каде што и бевме распределени. Во Скопје се вработија 48 медицински сестри и 10 лекари и уште 50 медицински сестри низ целата земја со што вкупниот број поминува повеќе од 100 лица. Првиот работен ден бевме поздравени лично од министерот за здравство Венко Филипче и сите медиуми. Договорот за вработување беше со времетраење од шест месеци со ветување дека ќе се продолжува, вели нашиот извор.

Тој додава дека поради ова ветување многу медицински сестри ги напуштија своите работни места и ја прифатија оваа можност.

-Во текот на овие шест месеци  сите поставувавме прашања дали да бараме нова работа, но одговорот беше дека Договорите за работа со сигурност ќе се продолжат. Во меѓувреме се јавува кризната состојба или познатата пандемија со КОВИД-19 и министерот за здравство Филипче на прес конференција три пати изјави дека на сите вработени од проектот ќе им бидат продолжени Договорите. Но само ни пет дена пред истекот на Договорите министерот праќа допис до сите здравствени домови дека проектот се прекинува!, вели нашиот револтиран и разочаран извор.

Тој со сиот гнев додава дека никој во изминатиот период не бараше работа поради ветувањето на министерот, а сега во оваа криза никој не ни вработува поради многу добро познати причини.

-На крај што е со нас?, додава медицинската сестра вработена преку овој проект со кој се гордееше министерот пред само една неполна година.

Инаку редакцијата на КУРИР побара и став од Министерството за здравство и министерот Венко Филипче преку електронски пат, но до овој момент до нашата редакција нема пристигнато никаков одговор.

На почетокот на овој месец Филпче на прес конференција кратко одговори дека Договорите на патронажните сестри ќе се продолжат бидејќи има предвидено средства во Фондот за здравствено осигурување, но според нашите сознанија истите овие Договори веќе се прекинуваат и тоа за неколку денови.

Ќе остане ли Македонија без медицински персонал за време на најголемата пандемија во светот останува да видиме.

Најнови вести

Коронавирус