недела, 11. април 2021. Вести денес: 118
home Вести

Срам за Филипче и останатите надлежни: Здравствен персонал со месеци работи БЕЗ ПЛАТА додека се бори со епидемија!

Срам за Филипче и останатите надлежни: Здравствен персонал со месеци работи БЕЗ ПЛАТА додека се бори со епидемија!

Голем број на медицински сестри, болничари и хигиеничари на клиниките во Скопје два месеци немаат земено плата. Не им се платени ниту придонесите, а одговор за нивните барања од надлежните нема.

Дел од нив ја контактираа редакцијата на КУРИР со свое сведоштво за тоа низ што поминуваат додека се борат со епидемијата, лекувајќи пациенти. Се ставаат во ризик себеси и своите семејства, на работа одат секој ден, се грижат за пациентите, ги исполнуваат работните должности, а за тоа не добиваат НИТУ ДЕНАР.

-Работиме секој ден, а плата немаме земено два месеци. Претходно три месеци не бевме исплатени, па тие пари ни беа дадени во декември. Од тогаш, иста приказна. Работиме без плата, немаме здравствено осигурување.  Имавме пациенти со коронавирус за кои се грижевме посветено, сакајќи ја професијата, секако. Но, без плата како да одиме на работа, како да платиме сметки? – вели една медицинска сестра од скопските клиники.

Друг здравствен работник кој ја контактираше нашата редакција вели дека бараат одговори од Филипче, но истите не ги добиваат.

-Јас бев позитивна на коронавирус, а бидејќи немав здравствено се си плаќав сама. Тоа чини многу пари, лекувањето, терапијата, витамините. Еве, сега две плати ни се должни, а молчат и за парите и за решенијата. Кога прашуваме, ни одговараат дека се чека одлука од Министерството за здравство. Таму прашуваме, молчат. Бидејќи до Филипче не може да се дојде, а гледам активен е на социјалните мрежи, му пишувавме и таму, баравме да го реши нашиот проблем, но нема одговор, вели нашиот извор.

Станува збор за вработени од неколку скопски клиники, кои се под заеднички служби. Тоа се голем број на лица од здравствениот медицински персонал, вработени на договор на дело.

Освен што не земале плата, тие не добија ниту денар награда за тоа што се борат со коронавирусот и имаат заразени пациенти.

-Над 100 пациенти заразени со коронавирус лекувавме, но надлежните изгледа сметаат дека тоа не е доволно. Не знаеме зошто не бевме наградени, но ете така одлучиле надлежните на чело со министерот. Нека ни го решат овој проблем итно, во изминативе месеци сме сите без плати. Прво три месеци не ни плаќаа, па сега два. Ние имаме семејства дома, имаме трошоци, сметки, како и сите останати. Ова е срам за здравствениот систем, за сите надлежни. Не се грижат за здравствениот персонал, истакна медицинска сестра од една скопска клиника.

Здравствениот персонал на Република Македонија заслужува да биде награден бидејќи е во првите борбени редови од почетокот на пандемијата, но и секој ден, грижејќи се за своите пациенти. Каков срам е тоа, да работат без плата, секој ден во неизвесност, дали ќе им се продолжат договорите, дали ќе добијат здравствено осигурување?

Филипче и останатите надлежни треба итно да ги решат овие проблеми!

Коронавирус