среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 193
home Вести

Спортските обложувалници нема да нудат угостителски услуги по 23 часот

Спортските обложувалници нема да нудат угостителски услуги по 23 часот

Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) информира дека согласно со новите мерки за заштита од КОВИД-19 и ограничување на работното време на угостителските објекти, и спортските обложувалници нема да нудат угостителски услуги по 23 часот.

– Во целост ја разбираме епидемиолошката состојба во земјата и даваме поддршка на институциите во борбата за справување со вирусот. Откако со одлука на Владата, спортските обложувалници од 13 мај повторно ги отворија своите уплатно-исплатни места, работиме во целост согласно со протоколите пропишани од Комисијата за заразни болести и ниту еден наш објект не е затворен заради Ковид-19. Продолжуваме доследно да се придржуваме до протоколите, грижата за нашите вработени и играчи и заштитата на колективното здравје остануваат наш највисок приоритет, соопшти АСОМ.

Со оглед на влошената епидемиолошка состојба, Асоцијацијата апелира на почитување на мерките за лична заштита од страна на играчите и придржување кон протоколот по кој работат спортските обложувалници.

Наведува дека сите членки на АСОМ на влез имаат поставено дезинфекциски средства, вработените носат заштитна маска, на шалтер е присутен по еден играч со растојание од два метра со играчот кој следен чека за уплата, играчите задолжително носат заштитна опрема на лице, а во објектите во текот на работното време и по завршување се врши редовно чистење и дезинфекција на сите простории и инвентар.

– Спортските обложувалници беа меѓу првите деловни субјекти кои со рестриктивните мерки на Владата за заштита од ширење на КОВИД-19 беа целосно затворени од 14 март 2020 година. Членките на АСОМ, и покрај големите загуби во текот на двомесечното затворање, немаа отпуштања и ги задржаа сите свои вработени, наведува АСОМ.

Коронавирус