петок, 15. јануари 2021. Вести денес: 166
home Вести

Спасовски: Секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран

Спасовски: Секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран

Ги повикувам граѓаните доколку било кој врши притисок врз нив или ги заплашува во врска со гласањето во недела, тоа да го пријават во најблиската полициска станица. Тајноста на гласот е гарантирана и ќе биде санкциониран било каков обид за загрозување на слободното изразување на волјата на граѓаните, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференцијата по денешната посета на СВР Куманово и локалната самоуправа.

Министерот Спасовски, како што соопштуваат од МВР, ги информира медиумите дека на средбата со раководството на СВР Куманово, како и на посетите кои во текот на септември се реализираа во другите сектори за внатрешни работи,  се разговараше за претстојниот референдум во недела и мерките кои МВР ги презема за се да помине во најдобар ред односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните.

-МВР е подготвено за референдумот во недела, а, согласно законите, секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран, рече Спасовски.

На средбата во СВР Куманово се разговараше и за безбедносната состојба на ова подрачје и беше констатирано дека таа е стабилна и се бележи подобрување во работењето. Во првото полугодие од 2018 година во Куманово има осетно зголемување на откривачката активност во областа на економскиот криминал, недозволената трговија со дрога и други области.

Во текот на првото полугодие од 2018 година, активностите насочени кон спречување и откривање на недозволена трговија резултираа со откривање на 14 кривични дела, што претставува зголемување од 75% на откривачката функција во однос на споредбениот период од минатата година. Одлични резултати има и во откривањето на криумчари на мигранти, а се бележи и намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир.

На средбата со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски беше констатирана одличната соработка меѓу МВР и општина Куманово, а се разговараше и за дополнително унапредување на таа соработка. Министерот Спасовски најави и дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за изградба на нов објект на СВР Куманово.

Коронавирус