сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 95
home Вести

Спасовски најави драстично зголемување на висината на казните, за празниците полиција ќе има секаде

Спасовски најави драстично зголемување на висината на казните, за празниците полиција ќе има секаде

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека МВР има посебен оперативен план како ќе постапува за време на празниците, а тоа значи дека секаде и во секој момент ќе има полициски службеници кои ќе вршат контрола дали обврските се почитуваат и дали некој придонесува за нарушување на состојбата со ширење на вирусот. Тој рече дека полицијата ќе постапува по пријава или по сознание, кое го добила.

– Ако се утврди дека навистина се случува организиран настан, се известува Јавниот обвинител и постапуваме врз основа на законот, појасни Спасовски.

Министерот за внатрешни работи информира дека полицијата деновиве растурила неколку забави.

– Синоќа се случи растурање на забава во Волково, при што беа приведени 29 лица. Ист таков настан имаше во Куманово, каде што беше растурена семејна веселба. Така што, одговорно и посветено ќе постапуваме и за новогодишната ноќ. Апелирам уште еднаш до граѓаните да прославуваат одговорно. Сите заедно треба да придонесеме да спречиме ширење на вирусот, потенцира Спасовски и додаде дека има тенденција за намалување на новозаразените.

Спасовски уште еднаш порача за време на празниците да бидеме сите одговорни.

– Секој кој нема да ги почитува мерките, без разлика дали се работи за сопственик на вила за издавање или е граѓанин, кој учествува во такви настани, ќе бидат поднесени кривични пријави со кривична одговорност, бидејќи го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните, подвлече Спасовски.

Во врска со возачот на „бентлито“, кој помина низ украсите на скопскиот плоштад и заработи казна од 45 евра, министерот повтори дека смета оти казната е мала и дека во Владата размислуваат за менување на висината на пропишаните казни.

– Казната е за едно неодговорно бандитско однесување, коешто го нарушува мирот и спокојот на граѓаните. Планираме драстично да ги зголемиме казните за такво однесување, рече Спасовски.

На ова се надоврза министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која додаде дека во Владата се размислува казната да биде одредувана процентуално во зависност од приходите на прекршителот.

– Најчестиот коментар кој можевме да го слушнеме во периодов беше дека за човек кој вози „Бентли“ 45 евра се ништо. Но, во програмата на Владата најавивме дека казните ќе бидат формулирани во процент од приходите и имотот и тогаш на секој прекршител ќе му се додели казната ќе ја почувствува и која ќе го натера, а тоа е целта на сите казни, да превенира такво однесување, истакна Шекеринска.

Коронавирус