понеделник, 18. ноември 2019. Вести денес: 150
home Вести

Спасовски манипулира со јавноста: Две години министерува, а зборува за наследени долгови

Повеќе од јасно е дека Оливер Спасовски има намера брутално да владее со МВР како неговите претходници Фрчкоски, Чокревски и Костов. Јавноста во Македонија, но и меѓународната заедница во Скопје се повеќе ќе станува сведок на нечесните и строго партиски намери на овој човек кој е исполнет со злоба до бескрај.
Спасовски манипулира со јавноста: Две години министерува, а зборува за наследени долгови

Власта не престанува во обидите за манипулација со граѓаните. Денес  од собраниската говорница министерот Оливер Спасовски мислејќи дека јавноста е со кратко паметње, пред пратениците изјави дека го наследил Министерството со минус од над еден милион евра.

Но тој не кажува дека министерува со МВР повеќе од 2 години наназад, па логично е прашањето дали долговите ги наследил од самиот себе?

Имено, според Спасовски МВР имало дупка во буџетот наменет за плати од 39 милиони денари, а кон одредени фирми Министерството должело околу 30 милиони денари.

Спасовски првите два, условно кажано, технички мандати, ги троши на сензационализам во медиумите со непостоечки скандал за фалсификат возачки дозволи како и пресметка со целокупниот професионален кадар кој успешно ги водеше сите истраги за организиран криминал во претходниот период.

Можноста за поместување како и ангажирање на кадар за потребите на министерот, врати пензионирани кадри како и фрустриран кадар кој зад себе нема никаков значителен успех освен партиска афилијација кон СДСМ. Исто така, вработи неколку лица од ПР и логистичкиот тим на СДСМ во МВР без никаков критериум и услов за работа.

Во делот на БЈБ и УБК е пресликана истата состојба како и во делот на МВР односно и во овие два органа внесе кадар кој повеќе од 10 години не е во тек со заканите и опасностите со кои се соочуваат сите балкански земји. Заеднички именител на целокупниот кадар поставен од него е тоталното непознавање на англискиот јазик што дополнително создаде фрустрација и кај лицата назначени но и кај сите останати вработени во МВР.

Во периодот откако е назначен за министер за внатрешни во Владата на Заев, до денес  се потпре главно на кадрите од времето на неговиот “технички” мандат. Оваа одлука придонесе за кратко време да пламне состојбата во делот на имотните деликти и насилниот криминал. Првите 5 месеци Спасовски ги помина со 350 украдени возила и тоа по бугарски рецепт од 90-тите, нерасветлени убиства од кои најбруталното врз фудбалерот Мартин Јанушев за чии нарачатели и сторители во јавноста беа изнесени и повеќе од доволни податоци и изјави за насочување на истрагата кон посочените лица.

Летниот период во Скопје донесе незапаметен бран на насилничко однесување низ скопските угостителски објекти, особено во оние најпопуларните, каде лица блиски до раководството на СДСМ буквално дивееја и на очиглед на сите ги изнудуваа сопствениците. Во тој период се изнедри и непостоечката агенција за обезбедување Омерта која ниту имаше лиценца за работа од МВР ниту пак беше акредитирана од соодветната комора. Ова не беше пречка припадниците на оваа агенција да добијат ангажман во државни институции како Студентскиот Центар во Скопје или да го обезбедуваат одржувањето на Суперкупот.

Со доаѓањето на есента целокупниот ангажман на МВР под Спасовски се стави во брутално партиско одработување во корист на СДСМ. Раководни но и обични припадници на МВР, на полицијата но и на тајната полиција отворено и нескриено беа партиски ангажирани буквално на секаков можен начин. Од агитација до учество во плаќање на гласови па дури и агитирање и ангажман на социјалните мрежи. Она што Спасовски кога дојде изјави беше: Во МВР нема веќе МВРО- слободно може да се каже дека се претвори во МВРСДС.

За време на кампањата повторно се извршија убиства во Кичево и Чаир за кои извршителите повторно се открија. Одвојувањето на партијата од државата- кредо на ОБСЕ кое опозиционерот Заев го бараше во минатото се претвори во гротеска при одржувањето на првите избори во организација на оваа Влада. Оливер Спасовски бесрамно беше говорник на речиси на секој митинг во Западна Македонија рамо до рамо со нивниот кандидат како и со целокупниот раководен кадар на МВР. Ваквиот ангажман на полицијата и Спасовски направи цели градови во вториот круг да бидат под опсада на специјалните полициски сили на МВР дополнето со негово или присуство на негови партиски кадри.

Нема да се заборави и притисокот кој МВР по налог на Спасовски го направи врз социјалните мрежи Фејсбук и Твитер за гасење или блокирање на одредени профили и содржини.

Крајот на годината го донесе и веројатно најбруталниот чекор во погазувањето на основните човекови права од негова страна, а тоа е апсењето без одземање на имунитет на опозициските пратеници и сите останати лица за кои со полтронските и уценети обвинители креираа монструозно дело-терористичко загрозување на безбедноста. Подоцна и Претседателот на Собранието Народниот Правобранител и францускиот амбасадор потврдија дека апсењето е извршено на незаконски начин од страна на припадниците на полицијата.

Оваа негова катастрофална грешка ќе го прогонува во иднината заедно со неколкуте спорни документи потпишани од него и директорот на БЈБ Лазо Велковски поврзани со злоупотреба при постапка за јавни набавки за потребите на МВР. На реформски план Спасовски испорача комични цели во помпезниот План 3-6-9 кои или се веќе спроведени или не се поврзани со реформските приоритети на Прибе. Напротив, во делот на реформите поврзани со следењето на комуникациите МВР под негова палка предложи неколку катастрофални законски одредби кои оставаат простор за злоупотреба на комуникациите на граѓаните од чудовишни размери. Овде секаква критика е непотребна, доволно е да се чуе само жестоката критика во јавноста од професорската фела на чело со професор Калајџиев која до пред само година дена беше рамо до рамо во Шарената Револуција со Спасовски и компанија.

Повеќе од јасно е дека Оливер Спасовски има намера брутално да владее со МВР како неговите претходници Фрчкоски, Чокревски и Костов. Јавноста во Македонија, но и меѓународната заедница во Скопје се повеќе ќе станува сведок на нечесните и строго партиски намери на овој човек кој е исполнет со злоба до бескрај. Интерпелација против него е нешто што во најмала рака може да поднесе опозицијата доколку е присутна во Собранието. Во меѓувреме јавноста од вчера ќе биде сведок на негативната кампања врз Спасовски (за мешање на црквата и полицијата) која се води од интернет активистите блиски до таборот на Радмила Шекеринска во СДСМ.