вторник, 29. септември 2020. Вести денес: 42
home Вести

СОЈУЗОТ МАКЕДОН: Николовска и Андоновски не се деца бегалци и не можат да зборуваат во името на насилно прогонетите Македонци

СОЈУЗОТ МАКЕДОН: Николовска и Андоновски не се деца бегалци и не можат да зборуваат во името на насилно прогонетите Македонци

 

Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН (во натамошниот текст: СОЈУЗОТ МАКЕДОН) најостро ги осудува манипулациите и злоупотребите на децата бегалци од Евгенија Николовска и Јанче Андоновски кои се претставуваат за нивни координатори од политички побуди и од позиции на актуелната Влада.

Во продолжение следува нивното соопштение: 

Децата бегалци – жртви на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година се членови на 15 здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија обединети во СОЈУЗОТ МАКЕДОН, како легален и легитимен сојуз во Републиката кој ги обединува најголемиот број здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и најголемиот број живи деца бегалци, денес возрасни, кои живеат во Македонија и во целиот свет!

СОЈУЗОТ МАКЕДОН и Македонците од Егејскиот дел на Македонија ги осудуваат манипулациите на Евгенија Николовска и Јанче Андоновски, кои дадоа поддршка на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година.

За СОЈУЗОТ МАКЕДОН и за Македонците од Егејскиот дел на Македонија, се’ додека за официјална Софија – Македонија е дел од Бугарија, Македонците се Бугари, а Македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, Договорот Заев-Борисов не е договор за добрососедство, туку договор за велепредавство на државата и нацијата!

СОЈУЗОТ МАКЕДОН и Македонците од Егејскиот дел на Македонија најостро го осудуваат скадалозното однесување на Евгенија Николовска која на промоцијата на книгата “Партизанска љубов“ на авторката Фана Мартиновска Буцковска на 24 април 2018 година, им забрани на децата бегалци да искажат став за името, дури ги предупреди медиумите да не пренесуваат индивидуални ставови, отфрлајќи изјава против промена на името на државата и идентитетот на нацијата без мислење од Владата, затоа што Владата финансиски ги поддржувала нејзините манипулации!

СОЈУЗОТ МАКЕДОН и Македонците од Егејскиот дел на Македонија, недвосмислено ги отфрлаат преговорите за промена на името на државата и идентитетот на нацијата и бараат безусловен крај на тие разговори со Владата во Атина веднаш!

Истовремено, СОЈУЗОТ МАКЕДОН информира дека и натаму останува еден и единствен легален и легитимен организатор на Петтата светска средба на децата бегалци која ќе се одржи на 30 јуни и 1 јули 2018 година во Скопје, како што и претходно беше одлучено и соопштено.

СОЈУЗОТ МАКЕДОН во 2016 и 2017 година изврши подготовки за Петтата светска средба на децата бегалци – избра Одбор, Секретаријат, Надзорен одбор, благајник и книговодител, донесе Програма и Буџет и за тоа, во септември 2017 година ги извести претседателот на Републиката, премиерот и министрите за надворешни работи, за внатрешни работи и за финансии, како и претседателот на Собранието. За жал, премиерот Зоран Заев го откажа приемот на делегација на СОЈУЗОТ МАКЕДОН. Наместо тоа, премиерот во неговиот кабинет на 6 септември 2017 година како деца бегалци ги прими Евгенија Николовска и Јанче Андоновски, кои му се претставиле како Републичко здружение на децата бегалци и Сојуз, иако тогаш се’ уште не беа пререгистрирани во согласност со Законот за здруженија и фондации!

СОЈУЗОТ МАКЕДОН не негира дека првите три средби на децата бегалци во 1988, 1998 и 2003 година ги организираше Републичкото здружение на децата бегалци формирано 1988 година, а четвртата средба на децата бегалци во 2008 година ја организираше Сојузот чиј претседател беше Ѓорѓи Доневски. Но, за волја на вистината, по смртта на Ѓорѓи Доневски на 5 декември 2011 година, а поради неплатени долгови, овие здруженија ги изгубија работните простории, престанаа со работа и не извршија пререгистрација во согласност со Законот за здруженија и фондации. Заради неплатените долгови, Јанче Андоновски регистрира ново здружение на децата бегалци и нивните потомци од Егејскиот дел на Македонија Т’ГА ЗА ЈУГ.

И покрај се’, најголемиот број здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија својата работа ја продолжија обединети во СОЈУЗОТ МАКЕДОН регистриран во 2009 година.

СОЈУЗОТ МАКЕДОН покажа добра волја за соработка и единство, Евгенија Николовска и Јанче Андоновски ги вклучи во Секретаријатот за Петтата светска средба на децата бегалци, но тие воопшто не одговорија на понудата, туку заедно со Јордан Тунев од Штип се вклучија во активности на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, некои и во локалните избори 2017 година.

СОЈУЗОТ МАКЕДОН соопштува, дека Петтата светска средба на децата бегалци НЕМА да биде организирана од Евегенија Николовска која беше технички секретар во Републичкото здружение на децата бегалци и од Јанче Андоновски кој е вработен во Агенцијата за разузнување на Македонија.

СОЈУЗОТ МАКЕДОН смета дека независно дали Владата финансиски ќе ги помогне Евгенија Николовска и Јанче Андоновски за организација на паралелна партиска средба најавена за 19, 20 и 21 јули 2018 година, ЕДИНСТВЕН ОРГАНИЗАТОР на Петтата Светска средба на децата бегалци што ќе се одржи на 30 јуни и 1 јули 2018 година е СОЈУЗОТ МАКЕДОН и здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во целиот свет обединети во Сојузот МАКЕДОН.

СОЈУЗОТ МАКЕДОН апелира до насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Граѓанската војна во Грција ‎1946-1949 година, да ги отфрлат манипулациите на Евгенија Николовска и Јанче Андоновски, тие ниту се’, ниту ќе бидат организатори и координатори на децата бегалци во Македонија и во светот!

СОЈУЗОТ МАКЕДОН ја известува јавноста дека почесен претседател на Одборот на Петтата светска средба на децата бегалци е доктор Лефтер Манче, кој беше почесен претседател и на Четвртата светска средба на децата бегалци, а претседател на Одборот е академскиот сликар Коле Манев.

СОЈУЗОТ МАКЕДОН апелира до сите деца бегалци од Граѓанска војна во Грција, сите контакти за Петтата светска средба на децата бегалци да ги продолжат со СОЈУЗОТ МАКЕДОН како и досега, и доколку се во можност, финансиски да ја помогнат организацијата на оваа традиционална манифестација.

Коронавирус