среда, 19. декември 2018. Вести денес: 0
home Вести

Сочувство од Иванов, по повод смртта на академик Блаже Ристовски

Сочувство од Иванов, по повод смртта на академик Блаже Ристовски

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов испрати писмо со сочувство по повод смртта на академик Блаже Ристовски.

-Со длабока болка и тага ја примив веста за смртта на познатиот македонски историчар и филолог, академик Блаже Ристовски. Иако во овие тажни мигови не постојат зборови со кои може да се надомести загубата, дозволете ми да ви изразам најискрено и најдлабоко сочувство. Академик Блаже Ристовски целиот свој работен век го помина во научно проучување на историскиот и културен развој на идејата за создавање на слободна македонска држава.

Тој објави повеќе книги и стотици научни статии за развитокот на македонската културно-национална мисла, во кои одново ни го приближи животот и делото на најзначајните македонски културни дејци, како што е Крсте Петков Мисирков, се вели во писмото со осчувство од претседателот Иванов.

Како потпретседател на првата влада на независна Република Македонија, се додава, тој даде пример за тоа како се бранат државните интереси. Тој беше пример на ангажиран интелектуалец кој имаше храброст да зборува и за најтешките прашања за Република Македонија.

-Ова е огромна загуба, за Вас, за научниот и академискиот свет, но и за мене и за Република Македонија. Ќе ни недостасуваат неговите мудри совети исполнети со длабока промисленост за македонската кауза. Вечно ќе сме благодарни за творештвото кое ни го остави, за сè што напиша, создаде и инспирираше. Нека почива во мир!, се истакнува во писмото со сочувство од претседателот Иванов.