вторник, 29. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Собраниската седница без кворум: Опозицијата го спореше предлогот за директорското место на Бојчева, СДСМ ги отфрлаат тврдењата за партизација

Собраниската седница без кворум: Опозицијата го спореше предлогот за директорското место на Бојчева, СДСМ ги отфрлаат тврдењата за партизација

Собранието денеска ја продолжи 126. седница која на дневен ред има 125. точки, но досега пратениците не завршија ниту една од нив. Причина за тоа е немањето кворум, но и бројот на пријавени за збор, кои најчесто се од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од нешто по 11:30 часот до 14:00 часот дебатираат за Предлогот за именување на директор и на заменик на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Опозицијата спореше со предлогот за директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер да биде Пламенка Бојчева, а за нејзин заменик Блерим Исени. Но, дебатата, која се одвиваше во полупразна сала, на моменти беше надвор од дневниот ред.

– Македонија стана мафијашка држава. Тука редовно се пука. Шарената револуција стана шарена манипулација, меѓу другото, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ во една од своите реплики.

За предлогот Бојчева да биде директор на Агенцијата, Ѓорчев рече дека таа е активист од Општинскиот огранок на СДСМ во Аеродром, обвинувајќи за партизација на институциите.

На ова возвратија пратениците од СДСМ кои отфлија тврдењата за партизација.

– Јас не сум овде некој да бранам или да го напаѓам. Јас го читам тоа што го пишува во Си-Ви-то дека разговараме за дипломиран правник со положен правосуден испит, кој работел во Македонски пошти, дека работела во ДИК итн, рече Диме Велковски од СДСМ.

Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски констатира дека Агенцијата веќе три години не ја врши својата дејноста онака како што се очекувало од неа. Според него, транспаретноста и отвореноста на функционерите на СДСМ е многу мала, а за возврат „фабриката за лаги“ на Владата е пуштена на најјако.

Пратеникот Велковски во репликата истакна дека парламентарното мнозинство се залага за отвореност на институциите и пристап на граѓаните до информациите што нив ги интересираат.

Пратеникот Самка Ибраимовски од собраниската говорница ја осуди блокадата на носењето на законите од страна на опозицијата и рече дека ќе бара од премиерот одлагање на изборите, додека не се донесат одредени закони во Парламентот.

–Ова е дискусија со изгубен компас, рече Ибраимовски.

Седницата треба да продолжи по редовната пауза од еден час.

Коронавирус