четврток, 23. септември 2021. Вести денес: 0
home Вести

Собранието утре ќе го ратификува договорот со Грција

Собранието утре ќе го ратификува договорот со Грција

Собранието на Република Македонија ќе го ратификува договорот со Грција на утрешното продолжение на 51. седница, потврдија за МИА пратеници од владејачкото мнозинство.

Предлог-законот за ратификација на договорот, денеска во 15 часот треба да биде разгледан во Комисијата за европски прашања, а петнаесет минути подоцна треба да биде одржана седница и на Законодавно-правната комисија.

Првичните најави беа дека ратификацијата би можела да се случи до крајот на денов, имајќи предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во работата на комисиите ниту на седницата за договорот.

Пратениците денеска со 69 гласа „за“ и 40 „против“ ја изгласаа потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на договорот за името со Грција.

Пратеникот Ферид Мухиќ беше единствен од владејачкото мнозинство кој гласаше „против“ потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на договорот. За новинарите тој кажа дека е против каков било договор за името.

Против гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои нема да учествуваат во носење на Предлог-законот за ратификацијата на договорот.

Потребата од донесување на овој закон по скратена постапка пред пратениците ја образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој напомена дека овој предлог-закон е предвиден како дел од националната програма за усвојување на правото на ЕУ во рамки на политичките критериуми во делот на регионалната соработка и меѓународните обврски. Рокот за донесување е 22.06.2018 година, а Димитров нагласи дека имајќи ги предвид европските и евроатлантските перспективи на земјата повеќе од неопходно е да се донесе по скратена постапка.

Шефот на дипломатијата потсети дека Грција согласно договорот, по неговото ратификување во македонскиот Парламент има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека дава поддршка за почеток на членството во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека ја поддржува поканата за НАТО.

– Јунскиот совет е пред нас, министрите за надворешни работи на земјите-членки ќе заседаваат на 25 и 26 јуни, а Самитот е на 28 јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата. За да ги испорачаме овие резултати предлагаме Собранието  да одлучи законот да се донесе по скратена постапка. Со ратификацијата се отвора можноста граѓаните да се изјаснат за својата иднина на есенскиот референдум, рече Димитров.

МИА

Коронавирус