петок, 31. март 2023. Вести денес: 136
home Вести

Собранието неделава со интензивна агенда

Собранието неделава со интензивна агенда

Претседателот на Собранието Талат Џафери изутринава ќе има средба со координаторите на пратеничките групи, на која освен за интензивните активности на Парламентот, треба да стане збор и за кампањата за референдумот на 30 септември.

Во кампањата „за“ референдумското прашање ќе учествуваат партиите од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ, но и Беса, ДПА и Алијансата на Албанците. Најверојатно само пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во кампањата за референдумот со средствата наменети за нив што Владата ќе и ги префрли на Собранието. Од партијата и вчера посочија дека се откажуваат од парите, и дека најверојатно во среда ќе испратат официјален допис до претседателот на Собранието Џафери.

Собранието неделава има интензивна агенда за работа. Само за денеска се закажани неколку седници, а во дводневна посета на Парламентот ќе бидат и неколку американски сенатори. Седница треба да одржи и Комисијата за избори и именувања, на која треба да бидат избрани први луѓе на повеќе институции и комисии, кои останаа без раководен кадар и членови.

На 29 август односно во среда е закажана собраниска седница, на која на дневен ред би требало да бидат точките што денеска ќе го минат комисискиот филтер како и други кои заостанаа пред одморите. Од кадровските прашања се очекува констатирање на престанок на мандат на пратеникот Петар Атанасов и негов избор за заменик министер во МОН, како и верификација на мандатот на неговиот насленик од СДСМ.

Сепак, во фокусот на јавноста освен прашањата за директор на ОТА, главен ревизор и одлуката за патните трошоци на пратениците, е референдумската кампања што треба да ја спроведе Собранието.

(Миа)