понеделник, 8. март 2021. Вести денес: 205
home Вести

Собранието ја заврши расправата за законот за попис, ќе се гласа дополнително

Собранието ја заврши расправата за законот за попис, ќе се гласа дополнително

Собранието попладнево по три дена ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, согласно кој по 19 години земјава годинава треба да ја изврши оваа статистичка операција. По Предлог законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.

Во обраќањето пред завршувањето на расправата, министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека државата и системот се подготвени за попис, бидејќи, како што рече, речиси 20 години таква операција не е спроведена, а е од исклучителна важност за развојот на државата. Доказ за подготвеноста рече, е и извештајот на Европската Комисија, во кој се нотирал добар напредок, особено во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението, како и тестирањето на новата методологија.

-Комисијата смета и дека има подобрувања во сите статистички области и усогласување на секторските статистики со стандардите на ЕУ. По ова, сомнежи за тоа како ќе се спроведе пописот има само уште кај опозицијата, која бара начин тој да биде одложен. Најавата дека ќе се собираат потписи да се спречи одржувањето на пописот е само продолжение на напорите да се опструира развојот на државата, а повикот за бојкот е бизарен. Не може да се бојкотира нешто што е обврска, рече Маричиќ.

Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека насила се „турка“ попис, а тие како политички субјект биле игнорирани од власта по ова прашање.

-Сакам да ве потсетам дека разговорите со опозицијата за пописот започнаа уште во 2019 година. Токму ВМРО-ДПМНЕ реши да се повлече од нив. Последните предлози кои ги добивме, за кои беше информирана и јавноста или беа небулозни или беа непотребни и неостварливи во вакви кратки временски рокови. Да имаше барем еден конструктивен предлог, за кои статистичарите, односно Државниот завод за статистка ќе кажеше дека е добар, ние ќе го прифатевме и ќе го вметнеме во текстот на законот. За жал таков не добивме, рече министерот.

Едно од барањата рече, било и барањето повтoрно да има Државна пописна комисија, што, според него, е политичко тело и една од причините зошто пропаднало попишувањето во 2011.

– Велите политиката надвор од пописот, ама политичко тело да учествува во спроведувањето на истиот, рече Маричиќ.

Пратениците од опозицијата се сомневаат дали и колку процесот ќе биде навистина статистички, а не политички.

Пописот, велат опозициските пратеници, треба да биде статистичка операција што ќе даде бројки за резидентно население, а не број на државјани. Според нив, ја нема дефиницијата за постојано место на живеење, која мора да ја има секој закон за попис, а регулативите на ЕУ и ООН, за резидентно население го  сметаат она кое живеело во нивното место на вообичаено живеење за континуиран период од најмалку 12 месеци пред пописот и она кое пристигнало во нивното место на вообичаено живеење во текот на 12 месеци пред пописот со намера да остане таму најмалку една година.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината (МИА)

Најнови вести

Коронавирус