среда, 30. септември 2020. Вести денес: 115
home Вести

Собранието денеска треба да го донесе Буџетот за 2020 година

Собранието денеска треба да го донесе Буџетот за 2020 година

Собранието денеска петти ден ќе  расправа за Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година за кој опозицијата во изминатите денови посочи дека е неразвоен и претставува преизборно купување на граѓаните, а владејачките партии истакнаа дека е во согласност со растот на домашната економија и е во насока на фискална стабилизација.

Расправата за Предлог-буџетот почна во понеделникот и согласно Деловникот за работа на Собранието, треба да заврши денеска. Предлог-буџетот се најде на пленарна седница откако претходно заврши аманданската расправа за него во матичната Комисија за финансирање и буџет.

Во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор. Приходите се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година. Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од пет отсто во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра.

Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022 и препораките на меѓународните организации. Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.

Собранието денеска треба да го донесе и Предлог законот за извршување на Буџетот за 2020 година. (МИА)

Коронавирус