сабота, 14. декември 2019. Вести денес: 28
home Вести

Со вакво образование, немаме иднина

Со вакво образование, немаме иднина

Периодов знаев да налетам на некои пријатели со кои се знаеме од студентски денови, кои се мое годиште, или некоја година постари.  Дел од нив се веќе се професорски звања на факултетите од техничките и природните науки. За она што се случува таму, велат, состојбата е повеќе од загрижувачка.

Прво, бројот на студенти е намален. Но, тоа е и помалку битно. Квалитетот, предзнаењето со кое доаѓаат и желбата за учење е на катастрофално ниско ниво.

Темелот на образованието лежи уште во претшколска возраст и во основното образование. Образовниот систем кој се уништува во континуитет уште од самостојноста до денес, почнува да ги дава плодовите на својата дисфункционалност. Ретко слушам дека некој е доволен или добар, се се многу добри и одлични. Добивате впечаток дека „клинциве“ или се генијалци или дека некој „штанца“ оценки.

И самите наставници во основно и средно велат дека потпаѓаат под притисоците на родителите, директорите и разни локални моќници, и дека им е полесно да пишат пролазна или висока оценка, отколку да се замеруваат со некого, или пак и тие самите да се занимаваат со некого на полагање.

Дали во изминатите 15-20 години сте чуле некоја да повторува? Денес, сите завршуваат средно без проблем, дури и без минимален квантум на знаење. Исто така, огромниот дел од учениците продолжуваат на факултет.

Пред околу 15 години кога студирав процентот на проточност на факултет беше чинам околу 20-30 % ако не грешам, а лица со високо образование од работоспособното население имаше околу 6-7 %.

Да, тоа беа ниски бројки, но растот мораше да се случи со осовременување на програмите, со повеќе пракса, со мотивирање за потенцијална работа, а не со драстично спуштање на стандардите.

Мистерија ми се состојбите во образованието на ученици на албански јазик. Таму убеден сум дека е уште полошо. Прво затоа што со целосно образование само на албански, младите ги прават општествено дисфункционални (посетувате дел образован процес на јазик со кој активнос се служи само 25% од населението во вашата држава, со само факултативно користење на примарниот службен јазик), а второ знаејќи какви кадри се примаа да ги едуцираат тие деца, не верувам дека има некакво издржано ниво.

Дојдени сме до ситуација каде што на Природно-математички на смеровите физика и математика или нема студенти, или неретко се запишуваат добри и многу добри (не заборавајте тука се криераат кадрите кои ќе ги едуцираат вашите деца), на Градежен имате студенти кои не знаат да решат дропки и основни математички операции, сега читам дека на медицина Латински веќе не е задолжителен предмет.

На место беше муабетот кој неодамна го чув: „Држава во која има 21 економски или правен факултет, а само еден на кој се учи математика, нема иднина“.

И не само што не се вадат кадри кои ќе бидат идни стручњаци, целосно е унипштено стручното образование. Процес кој започна во 90тите, чии лоши долгорочни политики ги гледаме сега. Целосна девастација на средното техничко и стручно образование. На пазарот нема водоводџии, машинобравари, електричари, градежни работници. Прашање на време е кога ќе почнеме да увезуваме вакви кадри. Најголемиот дел од младите се предодредени да работат во услужните дејности и да бидат келнери и продавачки. За некаква наука не станува ни збор. Се она што вреди уште во студентски денови е скаутирано од амбасадите и веднаш по дипломирањето заминува во странство.

Оформивме ко држава средно за спортисти, не немаме за талентирани ученици. За десет години ос сега ќе имаме ракометари и фудбалери, но инженери, научници, проектанти ќе мора да увезуваме.

И покрај се, самите сеуште се тешиме дека нештата „ќе се оправат“, дека „ќе биде“… не, нема! Без детална стратегија, план и визија, без болни резови и промени, кои ќе бидат краткорочно непопуларни, нема напред.

Го допревме дното! Ајде да се освестиме.

Александар Ристевски