понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 130
home Вести

Со намалување на казните за оној кој ќе го открие свиркачот се демотивира откривањето на криминални дела

Со намалување на казните за оној кој ќе го открие свиркачот се демотивира откривањето на криминални дела

Според Транспаренси интернешенл законот за заштита на укажувачи не се применува. Предлог-закон за изменување на Законот за заштита на укажувачи, кој е во собраниска процедура. Според предвидените измени, се намалуваат казните за оние што ќе го откријат укажувачот. Ако се усвои Предлог-законот, казните за сторен прекршок на овластеното лице за прием на пријави од укажувачи ќе изнесуваат од 100 до 500 евра. Досегашните казни беа во висина од 3.000 до 6.000 евра.

Според експертите потребна е цврста заштита на „свиркачите‘‘ за да се заштити државниот интерес. Законот кој е клучен во борбата против криминалот и корупцијата, ќе го нема саканиот ефект бидејќи со ниските казни се демотивираат граѓаните што решиле да бидат „свиркачи“.

Измените во Законот, исто така, предвидуваат намалување на казните и за правните лица па така наместо од 2.000 до 4.000 евра, како досега, со измените глобата треба да биде од 250 до 500 евра. Најголема казнена мерка е предвидена за откривање на идентитетот на укажувачот од 5.000 до 10.000 евра, додека за прекршување на должноста за доставување полугодишни извештаи за примени пријави од укажувачи, се предлага казна од 1.000 до 4.000 евра.

Првиот човек на Собранието, Талат Џафери е еден од потписниците на законот. Тој смета дека измените се добри, бидејќи во минатото, за да има мир во куќата, Законот бил повлечен.

Според извештаите на Транспаренси интернешенл, како држава, сепак, немаме создадено доволно услови за да заживее овој закон. Првиот човек на граѓанската организација Слаѓана Тасева вели дека немаше потреба од измени, бидејќи Законот за укажувачи, иако е донесен пред три години, не е применет.

„Ние не го применивме Законот за да видиме дали нешто треба да се менува во него. Прво требаше да се настојува сите институции да воспостават систем на пријавување од страна на укажувачи, а потоа да се види како тој систем функционира и дали има потреба од некаква интервенција во законот. Вака уште повеќе само се дерогира неговото значење и потребата од примена‘‘ вели Тасева за „Слободен печат“.

Според неа, постојниот закон предвидува систем за пријавување внатре во институцијата, но доколку луѓето се плашат, можат да пријават и во МВР, кај Народниот правобранител, во Јавното обвинителство и во Државната антикорупциска комисија.

Коронавирус