понеделник, 21. јуни 2021. Вести денес: 13
home Вести

Со Ковид-19 се заразив преку очите, сведоштво на анестезиолог од штипската болница

Со Ковид-19 се заразив преку очите, сведоштво на анестезиолог од штипската болница

Лекарот Ване Ѓоргов, анестезиолог во болницата во Штип, од денес може да излегува од дома. Тој од крајот на минатиот месец е во изолација, бидејќи од пациентка се заразија и тој и уште неколку сестри и болничар на инфективното одделение во Штип. Тој тврди дека вирусот од заразената пациентка го прифатил преку очите, бидејќи носел заштитна маска, но не носел наочари.

-Тоа беше во понеделникот на 30 март, бидејќи јас веќе од 31 бев пратен во изолација. Пациентката на 31 направила два теста, кои покажале дека е негативна, но не секогаш треба да се водиме по резултатот од тестовите, туку многу е битна клиничката слика. Пациентката само што ќе ја видите веднаш ќе сватите дека беше заразена од Ковид-19. Брефташе, молеше за воздух. Кога направивме компјутерска снимка веќе ¾ од белите дробови и беа инфилтрирани, односно зафатени. Тоа беше страшен наод. За жал пациентката по 7/8 дена почина на Инфективно во Скопје, вели доктор Ѓоргов.

Според него најголемиот проблем што тој и други колеги се заразиле било што не носеле визири и скафандери, не биле доволно заштитени.

-Бевме поделени во два тимови, едни колеги одат на работа а другите одмараат, после обратно. Јас на мои 59 години не треба да одам на дежурство, одам само прва смена. Но, тој ден морав да сменам колега. Кога стасав реков кажете ми ја постапката. Што да правам јас што треба да облечам за да дојдам до пациентка. Тоа беше момент кога немаше многу заштитни средства, односно имаше ама се штедеа. Кога ме повикаа на Инфективното одделение не ми кажаа дека има таква пациентка. Јас не знаев. Ми дадоа дезифиценс, кој не го бендисав бидејќи се лепеше за раце, па ставив алкохолен. Потоа ставив ракавици и врз нив повторно ставив дезифициенс. Имав две маски на лицето, но не беа визир. Јас секогаш носев две маски, со ластичиња за ушите и по тоа ме знаеја колегите. Кога ја видов пациентката како голта за воздух а не може да вдиши… Каква борба за воздух беше тоа. Какво кашлање. Беше страшно. Кога го видов тоа се пресекнав. Немав заштититен скафандер, ниту визир. Ниту сестрите, ниту болничарите. Имавме мантилче кое само се загрнува. Но, тоа не е доволно. А инфектологот имаше наочари, визир, скафандер. Ми беше глупаво ама се ставив заедно со останатите колеги, си реков ако они немаат и јас ќе немам. И после сите што бевме позитивни. А јас пак, заборавив да си ги земам наочарите и тоа е моја грешка, мој минус. Пациентката многу кашлаше и кога болничарот ја земаше од компјутер да ја донесе до количката. Нормално беше да се заразиме, јас и инфектологот цел час се задржавме со пациентката, објаснува доктор Ѓоргов.

Тој е убеден дека заразата кај него преминала исклучиво преку очите,бидејќи се друго на лицето му било заштитено.

-Мислам дека се заразив преку очите бидејки имав многу силно воспаление на очите проследено со многу чешање. Тоа ми беше најдоминантниот симптом за Корона. Кашлав, имав моменти кога тешко дишев, имав болка зад градите ама тоа беше неколку дена и траеја по неколку часа. Па јас од грип кога сум бил болен сум се чувствувал многу потешко отколку од Корона. Имав и дијареа, вели Ѓоргов.

Според него откако бил во контакт со пациентката после 3-4 дена му се појавиле симптомите. Тој вел дека побарал да се тестира, но му рекле дека се уште е рано и треба да почека.

– После неколку дена од средбата со пациентката го имав првиот напад и ми беше супер, како ништо да не се случува. Вториот напад ми се случи по 7-8, кога пак ѓи добив истите симптоми. Пак се јавив на колегите и ми рекоа дека е закажано тестирање на 12тиот ден. Се тестирав и тогаш излезе дека сум позитивен. А јас веќе немав никакви симптоми. Точно 30 дена сум бил во изолација. Цело време бев под клуч. Брат ми ми купуваше тоа што треба. Тој ќе донесе пред врата ќе си замине, па јас ке излезам да го земам лебот или било што ми купил, вели лекарот и додава:

„ Колешка кардиолог ме контролираше. Јас и кажав за чешањето и таа ми потврди дека е уште еден симптом на зараза од Ковид-19. Направив комплетен преглед, бев и на компјутер. Немав никаква промена на градите, во лабораторија беше се во ред. Тоа ме теши сакав да го поминам времето со бенигни симптоми. Ама уште ми остана навиката упорно се гледам во очите, какви ми се зениците, воспалени ли ми се. Додека бев во изолација примав ударна доза сумамед. Место три дена, јас пиев шест, по две таблети. Плус тамифлу, кој од третиот ден го прекинав. Кај мене покажа нус појава, ми се излупи кожата на лицето, а тоа е една од несаканите ефекти на лекот„.

Ѓоргов изолацијата читал книги, играл сложувалки, сликал слики на пастели и не обрнувал внимание на озборувањата.

-Јас имам многу хобија и не ми беше тешко. Сликав слики со пастели, на компјутер наредив околу 200 сложувалки. Читав романи кои не сум ги читал на млади години а ми кажале дека се убави. Првите денови слушнав муабет за мене. Син ми работи во ланец самопослуги, па му нарачав квасец, немавме дома. Ми го донесе пред врата и си замина. За кусо време ми се јави епидемиологот да ме праша дали имам контакто со детето. Па, не сум луд да заразам било кого а особено не сопственото дете. Потоа сватив дека соседите го прават тоа, гледаат кој влегува и кој излегува. Од друга страна, пак, морам да признаам дека добивав пораки на поддршка кои ме расплакаа. Мислам дека сепак, кај мене преовладуваа позитивните пораки, бидејки како лекар сум пружил помош на половина град, додава Ѓоргов.

(извор – Весна Миленковска за mms.mk )

ЕУРО 2020

Македонија