сабота, 10. април 2021. Вести денес: 89
home Вести

„Слободен печат“: Врие во партијата на Али Ахмети, од пресметките во ДУИ се „дезинтегрира“ Собранието

„Слободен печат“: Врие во партијата на Али Ахмети, од пресметките во ДУИ се „дезинтегрира“ Собранието

Внатрешни судири и борба за доминација помеѓу различни групации ја тресат партијата на Али Ахмети, а тие судири се рефлектираат врз работата на Собранието, велат извори во партијата, пренесе Слободен печат.

-Според неофицијални информации, пратеникот Изет Меџити и уште двајца други народни избраници од редовите на ДУИ не доаѓаат на собраниски седници поради незадоволството од состојбата во партијата и со тоа ја блокираат работата на законодавниот дом. Неофицијално, тие бараат партискиот лидер Али Ахмети да ги тргне Артан Груби и Бујар Османи и од партијата, а со тоа и од високите позиции во Владата, пишува порталот.

Собранието од трети февруари наваму не може да одржи пленарна седница. Спикерот Талат Џафери вчера најави „разврска“ за намерното недоаѓање на седниците на пратениците од владејачкото мнозинство, особено од ДУИ.

-Сите пратеници имаат обврска да дојдат на работа, а калкулациите се друга работа. Мислам дека ќе има разврска. И Деловникот и Уставот се такви што пратеникот не може да се повикува на одговорност за начинот на работа и општење по однос на функцијата. Пратеникот може самиот да се изјасни како ќе настапува понатаму. Од пратеничката група на ДУИ не кажуваат дали некој пратеник ќе стане независен. Тоа никој не може да го казнува. Но, од друга страна, да дејствувам како пратеник од таа пратеничка група, а да не доаѓам, е тоа веќе е лична одговорност, рече Џафери.

Професорот Џевдет Хајредини, добар познавач на политичката сцена, особено во албанскиот блок, за „Слободен печат“ вели дека во наредниот период очекува да дојде до расплет во ДУИ.

-Недоаѓањето на седници на дел од пратениците на ДУИ е првиот симптом дека наскоро во партијата ќе почне расплетот, за кој сметам дека не може да биде делумен, туку само целосен. Ако почне процесот на раслојување, партијата ќе се растури и ќе дојде до дефинитивен крај на ДУИ. Тогаш сите ќе завршат таму каде што треба, почнувајќи од врвот. Затоа тие се држат заедно бидејќи тоа им е и единствениот спас, во спротивно ќе отидат во амбис. Дел од високите структури ги имаат т.н. „бомби“ и затоа станаа моќни. Доколку некој се осмели да зборува против нив, црно му се пишува, вели Хајредини.

Коронавирус