недела, 29. ноември 2020. Вести денес: 83
home Вести

Слободан Томиќ: Медена земја, пелин политичари…

Слободан Томиќ: Медена земја, пелин политичари…

Врви по патот со крената глава и не му ја мисли. Ако си чесен секој ќе те отпоздрави, ама ако не си ќе те презират и ќе ти редат заушки.

Народот не џабе вели, не бидува со лага ага. За жал, се удавивме во лаги и криминал, во државата закон стана Рушвет ага.

Ако за некои важи “Секоја држава има мафија“, кај нас е обратно “Мафијата има своја држава!“ Арамиите кај нас први се дерат “држете го крадецот“, без око да им трепне, без мува да ги лази… и пак си тераат по свое.

А, капо ди тути капи живее во својот филм на седмо небо, надуван и подмачкан од маслото од коноп и затоа се одважува “Дајте ми уште еден мандат за конечно да ви го донесам животот!“

За каков живот зборува баронот Минхаузен, кој сиот свој живот го помина во егзибиционизам, лаги и корупција, прашува народот?

Но, тоа е вистината и од неа не се бега. Од денот на независноста до денес Македонија е обесчестена и на морален и на национален план. А кој ќе плати за ваквите ѕверства?

Народот станува се’ посиромашен, се’ обесправен и искористен до коска. Каде е вината, а каде е виновникот? Во политичарите или во народот? Ако се згреши велиме можеби е случајно, ако грешката се повтори вината е кај тој што ја сторил, ама ако и по третпат истото се случи грешката е кај тој што ја трпи.

Многумина голтари политичари во оваа медена земја, преку ноќ станаа моќници кои спијат на милиони.

Арно ама, како Божја промисла, секогаш кога се случуваат апокалиптични сценарија или злодела врз Македонската земја, се случуваат и Божји чуда!

Документарецот “Медена земја“ и Атиџе од Дорфулија го осветлија македонскиот образ, кој баронот и неговата тајфа го оцрнија и извалкаа со гн’сотии, го урнисаа светото име Македонија, срамно и нецивилизациски.

“Медена Земја“ како и авторите на овој документарец Самир Љума и Фејми Даут во градот на оскарите повторно ја вратија надежта на сите Македонци по род и државјанство! Македонија светна сред Америка, каде на друго место ако не во Холивуд!

Секоја чест на изјавите на авторите кои не се по род Македонци, туку по државјанство, кои блеснаа со срце и душа како вистински бранители на името Македонија на доделувањето на наградата за најдобар документарен филм што ја доделува Меѓународното здружение на филмски критичари (NSFC): “Ние сме од Македонија, земјата домаќин на најстариот фестивал за кинематографи “Браќа Манаки“. Коментар за големо БРАВО маестро!

Зарем не е искрено и чесно? За разлика од поединци кои полнат бисаги алтани за секое повторување на префиксот „северна“… Ете до каде не однесе безобразлукот и арамилукот?

За жал, во медената земја Македонија политичарите наместо со мед и млеко, го отруја народот со пелин и отров. Затоа стампедото емигранти од родната грутка по живот во светот, бериќетно и достојно! Оттука пораката: Народе, отворете ги очите, излезете од мамурлукот и не се навлекувајте и натаму на лагите и беззаконието на шарлатаните кои царски палати за себе градат, газејќи по мртви и жртви, нафиксани од канабис и опојни дроги.

Тука и крајот… од незаконските “бомби“, преку “пржинската влада“, до настаните во Собранието на 27 април и неуставнотото собрание, софискиот договор, тиранската платформа и грчката спогодба со промената на Уставот и државното име, актуелните во Владата и Собранието, ќе останат во историјата запаметени како најголемиот пелин отров за Македонскиот народ и Македонија покрај медената земја Македонија во Холивуд!

И после се’ и покрај се’, Македонија мора час поскоро, на престојните избори, еднаш за секогаш да расчисти со власта – срамна и трула…

колумна на Слободан Томиќ

Коронавирус