понеделник, 1. март 2021. Вести денес: 191
home Вести

Следната недела интерпелацијата за Димитров пред пратениците

Следната недела интерпелацијата за Димитров пред пратениците

Собранието в понеделник ќе ја продолжи 30. седница на чиј дневен ред е и интерпелацијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Сепак, за тоа кој ден ќе се расправа за интерпелацијата поднесена од опозицијата, најмногу ќе зависи од Димитров и неговите ангажмани.

Покрај 30. седница Собранието ќе се обиде да ги заокружи и точките од дневниот ред на 32. седница. Владејачкото мнозинство во Собранието има проблем со бројот на пратеници поради отсуство на неколкумина, но тоа според првиот парламентарец Талат Џафери не е проблем, бидејќи за да се расправа за законите не е потребно во салата да се сите пратеници. Може да се расправа за законите и другите точки, вели тој, а потоа еден ден да се закаже гласање и да се изгласаат сите закони и други точки на дневниот ред.

Џафери се согласи со констатацијата дека тоа е практичен излез од ситуацијата во која се наоѓа Парламентот во контекст на кворумот и мнозинството, но тоа потенцира е еден вид вовед во календар за работа на Собранието. Тоа би значело една недела за расправа за законите, потоа период за комисии, и недела за гласање по примерот на некои други Парламенти. Но, за тоа се потребни и измени на Деловникот за работа на Собранието.

Џафери вели дека за поддршка на сите закони се разговара и со опозициските партии, но не можеше конкретно да каже кои закони би можело да се очекува да бидат поддржани од нив во текот на следниот период.

Во врска со измените на Законот за АВМУ, за начинот на избор на состав на Програмскиот совет на МРТВ и Советот на АВМУ, Џафери истакна дека пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата треба да постигнат договор, но доколку не дојде до тоа, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавила голем број амандмани.

Нова собраниска седница ќе биде закажана на 16 фебруари. Од другите активности во Собранието, на редовната месечна средба со новинарите тој ги наведе обуката за новите пратеници што ја спроведува ОБСЕ за комуникацијата со граѓаните во изборните единици во 70-те канцеларии опремени за тоа, како и средбата за реформи во Собранието во соработка со Швајцарската амбасада и учество на сите засегнати страни. Во насока на зголемување на транспаретноста на Собранието, имајќи предвид дека сега поради протоколите за Ковид-19 во живо може да се следи само собраниската седница и доколку нема седница, една собраниска комисија, на оваа средба ќе биде покренато и прашањето за проектот за собраниско студио.

Коронавирус