четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 19
home Вести

Славевски за КУРИР: Анализа на најавите за рамен данок и развој на економијата, ветувањата на Мицкоски спроти неуспехот на СДСМ

Славевски за КУРИР: Анализа на најавите за рамен данок и развој на економијата, ветувањата на Мицкоски спроти неуспехот на СДСМ

Поранешниот министер за финансии, професор на Економскиот факултет и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, во интервју за КУРИР прави анализа на економските мерки кои вчера јавно беа промовирани од Христијан Мицкоски.

За враќањето на рамниот данок, Славевски оценува дека е исправен потег во најдобар тајминг.

-Се покажа дека тој потег на СДСМ за воведување на прогресивно оданочување и зголемување на даночните стапки предизвика огромна штета во економијата на Република Македонија и не е случајно што и самите се повлекоа. Но, направија уште една грешка со тоа што оставија простор од три години, наводно, не укинување, туку одложување на мерката прогресивно оданочување што е погрешно, создава неизвесност кај економските субјекти. Сега со ова ветување дека ќе биде вратен рамниот данок и уште повеќе со намалена даночна стапка од 9% во почетокот со можност за дополнително намалување за уште еден процентен поен, ја враќа таа извесност во економијата кај претпријатијата и кај домаќинствата, што е сосема исправен потег. Тајмингот на оваа мерка на враќањето на рамниот данок, не може да биде подобар затоа што, како што гледаме светската економија од средината на минатата година забавува, а сега се непредвидливи последиците од пандемијата на коронавирусот. Заради значењето на кинеската економија во светски рамки, дури и за Македонија и прекинот во врските во синџирот на снабдување, веќе и наши компании кои работат особено во областа на автомобилската индустрија, ги чувствуваат првите последици, истакна Славевски во интервју за КУРИР.

Славевески вели дека мерката за враќање на рамниот данок треба да се разбере како подготовка на економијата за посилен одговор на негативните шокови од надвор.

Тој зборуваше и за потребата од нов развоен модел за македонската економија.

-Овој модел што посебно СДСМ до крајност го применува на пораст на потрошувачката, ги има исцрпено своите можности и не може да продуцира стапка на раст повисока од 3% како што гледаме. Тоа на СДСМ не му успеа ниту во најдобри времиња за светската економија. Пристапот поаѓа од фактот дека мора да се зголеми учеството на индустријата, особено преработувачката индустрија во создавањето на БДП, кој сега е само 12%, а во земји како Словенија, Словачка, Унгарија, Полска, ова учество надминува 20%.  Тоа што го спомна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е модерна реиндустрализација, односно модерна индустриска политика. Ова значи дека ние правиме мапирање на сите сектори, на сите претпријатија, дури до производи, да видиме,  веќе ги имаме првичните сознанија, кои се компаративните предности  на македонската економија, што може или што е со најголема вредност да се поддржува, да се извезува, со цел да се зголеми додадената вредност на македонската економија.

ВМРО-ДПМНЕ со нов пристап во привлекувањето на странските инвестиции.

-Пристапот кон странските компании би бил таргетиран, да им пријдеме и да ги донесеме оние странски компании, однапред со таков пристап, кои ќе можат да ја анимираат и домашната економија, односно домашните претпријатија. За таа цел, како што спомна Мицкоски, се планира да се трансформира Македонската банка за поддршка на развојот во развојна и извозна банка на Република Македонија, со кадровско доекипирање, докапитализација, истакна тој.

Во интервјуто за КУРИР, Славевски зборува и за таргетите кои се прецизни и нумерички од аспект на зголемување на перформансите на македонската економија.

-Тука би го издвоил ветувањето за намалување на корупцијата. Секоја Влада го дава тоа ветување, сега со СДСМ имавме развој на настаните во погрешна насока. Нашиот индекс за перцепција на корупција во очите на странските инвеститори се зголеми, бидејќи имаме повисока корупција. ВМРО-ДПМНЕ ветува дека Република Македонија, според тој индекс на перцепција на корупцијата од неповолното 106-то место, ќе ја поместиме со намалување на индекс на перцепција на корупцијата. Колку е помал индексот, толку е земјата помалку корумпирана. Ќе ја поместиме за значителен број на места. Тоа се однесува и на другите индекси кои ги следат странските инвеститори како листата на Форбс, понатаму за конкурентноста на економијата и слично, заклучи Славевски.

Коронавирус