вторник, 19. октомври 2021. Вести денес: 0
home Вести

Славески: Скопје ќе биде модерен, чист европски град, а не валкано и загадено како до сега

Славески: Скопје ќе биде модерен, чист европски град, а не валкано и загадено како до сега

Ова не е само избор помеѓу две спротивставени политички партии. Ова е борба на два концепти – концепт на уништување од една страна и, од друга страна, концепт на промени, проекти и победи, порача Трајко Славески носителот на советничката листа за Град Скопје, пред граѓаните на општина Ѓорче Петров.

Славески, порача дека доста е од загадено и уништено Скопје, ветувајќи дека од Скопје ќе направи модерен и европски град.

-Ние скопјани повеќе не сакаме Скопје да биде валкано, замирисано, загадено, уништено. Не сакаме Скопје да биде во застој, уништено во духот. Ние заслужуваме модерно, вибрантно, европско Скопје. Наместо тоа, ние во изминативе години се соочуваме со градска управа што не може да ги остварува ни основните функции! Ѓубрето не може да го собере! Дупките на улиците не може да ги закрпи! Уличните кучиња не може да ги прибере! Не само што ништо ново не создале, туку и она што го имаме не можат да го зачуваат. И сега, сега, и во оваа кампања ли ќе слушаме како ќе ветуваат нови паркови и чист воздух? Истите оние кои среде пандемија исфрлаа смет и отпад во Вардариште, истакна Славески.

-Ние не можеме да чекаме уште четири години некој да му ја краде иднината на Скопје. Не смееме да прифатиме дека тие се најдоброто за Скопје, зашто НЕ СЕ. Ние заслужуваме многу повеќе и затоа време е да ставиме крај на ароганцијата и мрзеливоста. Време е за промени, за проекти, за заеднички победи, рече тој.

Славески вети дека Советот ќе биде конструктивен, ќе работи домаќински и ќе биде контролор на работата на градоначалникот и институциите.

-Ние, за разлика од нашите политички конкуренти, не се бориме за да станеме гласачка машина во Советот на град Скопје. Се бориме за Совет што ќе биде конструктивен, ќе осигура домаќинско работење на градската управа и ќе биде контролор на градоначалникот и на јавните претпријатија и други институции каде што е градот основач, а притоа ќе работи во дослух со граѓаните, вели Славески.

Славески вети дека Скопје ќе биде град со нова Универзална сала, нов забавен парк, ред во сообраќајот, како и град со безбеден и ефикасен еколошки јавен превоз.

-Со целосна поддршка на Програмата за модерно Скопје на независниот кандидат за градоначалник, г-ѓа Данела Арсовска, ние се обврзуваме и гарантираме исполнување на клучните приоритети за градот Скопје. Размислуваме и планираме стратешки, темелно и долгорочно, а делуваме практично, брзо и сигурно. Град со ред во сообраќајот. Град со безбеден и ефикасен еколошки јавен превоз. Гасифициран град со можност за приклучок во секое домаќинство. Град со десетици илјади метри квадратни нови паркови. Град со нова Универзална сала, нов забавен парк. Град со нови можности за младите да останат да живеат и творат во Скопје. Тоа е Скопје што го сакаме, тоа е Скопје што го заслужуваме! Тоа е Скопје за кое вреди да се бориме, посочи Славески.

Локални избори 2021